Лукаревска: Префрлањето на службениците е во целост согласно со законот

од Milan1
1,8K прегледи

Поранешната директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, се огласи во врска со процесот на префрлање на државните службеници во даночни службеници, објаснувајќи дека овој чекор бил неопходен за да се избегнат правни проблеми. Според Лукаревска, одлуката за префрлање била донесена во согласност со Законот за управата за јавни приходи, а доколку не се постапеше според законот, би можеле да се соочат со сериозни последици.

„Со тоа што ги префрливме државните во даночни службеници, решивме еден голем проблем. Доколку не го направевме тоа во законскиот рок, тогаш можеа да нè тужат, дури можев и кривично да одговарам како работодавач дека не постапувам согласно Законот за УЈП“, изјави Лукаревска.

Процесот на префрлање бил регулиран со одлука донесена на 12 февруари, потпишана од тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација. Одлуката предвидувала новите договори за вработување на службениците да бидат поделени во рок од еден месец.

Лукаревска нагласи дека целиот процес бил спроведен со целосна почит кон правата на вработените и дека ниту едно работничко право не било скратено. „Откажување на договор не е нешто ново во УЈП“, додаде таа, објаснувајќи дека слични процедури биле применети и во минатото, кога и таа лично добила откажување на договор, а потоа добила нов договор за работа.

„Државниот инспекторат за труд не го зема предвид ова искуство, иако е правно издржано и спроведено претходно“, рече Лукаревска, потенцирајќи дека УЈП постапувала според веќе воспоставена законска пракса.

Слични содржини