Лукашенко ја напушта функцијата претседател

од Stefanija Kuzmanovska
354 прегледи

Александар Лукашенко изјави дека според новиот Устав на Белорусија, тој повеќе нема да биде претседател на таа земја, пренесува РИА повикувајќи се на агенцијата Белта.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, првпат дојде на власт во 1994 година. Денес, по повеќемесечни насилни протести од стотици илјади граѓани, насилство од полицијата и армијата врз жени, студенти, па дури и пензионери, светот конечно ја доби добрата вест – Лукашенко ја напушта функцијата претседател.

„Јас не правам устав за себе. Кога ќе стапи на сила новиот устав, јас повеќе нема да бидам претседател. Значи, смирете се, поднесете го тоа мирно“.

„Дури и ако знам дека тоа не е она што го сакам. Зошто? Бидејќи белорускиот народ мора да помине низ тоа. Подобро е сега, без војна, бидејќи може да биде уште полошо подоцна, ако овие конфликти се влошат“, рече Лукашенко.

Тој исто така изјави дека предлогот на опозицијата во врска со уставните измени е еднаков на последиците од распадот на Советскиот сојуз.

„Демократија значи избор. Ние веќе го поминавме тоа за време на периодот на Горбачов. Потоа ги избравме сите, и менаџери и директори. И што добивме? И ја изгубивме земјата, Советскиот Сојуз се распадна. Сега сакаат да ни го сторат истото“, рече тој.

Според Лукашенко, главниот удар што демонстрантите сакаат да го нанесат е на вертикалата врз претседателот и владата.

Претходно, Лукашенко рече дека темата уставни измени ќе биде ставена на јавна расправа, по што ќе биде распишан референдум.

Лукашенко претходно изјави дека нацртот на ажурираниот Устав ќе биде доставен на јавна дискусија на почетокот на 2021 година. Како што прецизираше, третото издание веќе се подготвува, бидејќи двата претходни не му одговараа. Според Лукашенко, новиот Основен закон треба да ја отсликува заедничката визија за иднината на Белорусија. Тој истакна дека белорускиот народ ќе одлучи каков ќе биде новиот Устав.

Во меѓувреме, во Белорусија продолжуваат масовните протести, кои траат од претседателските избори во август. Според ЦИК, Лукашенко победил со 80,1 процент од гласовите, но опозицијата не се согласува.

Слични содржини