Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, го одобри нацртот на меѓувладиниот договор со Русија за соработка во транспортот на стоки преку руските пристаништа, објавено е денеска на официјалната државна веб-страница Pravo.by.
Во соопштението се наведува дека одобрениот нацрт е основа за преговори за договор за соработка во областа на транспортот на одредени видови товар преку коридори низ териториите на Белорусија и Русија.
Се додава дека министерството за транспорт на Белорусија е овластено да води преговори и да го потпише соодветниот договор, пренесува РИА Новости.
Претходно белорускиот премиер Роман Головченко најави дека Минск и Москва имаат намера да потпишат договор за транзит на белоруски надворешно-трговски товар преку руските пристаништа.
Во август 2020 година, Лукашенко најави можна преориентација на трговските текови од балтичките пристаништа во други насоки.