Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, денеска ги повика граѓаните во вториот круг на локалните избори масовно да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9. Тој истакна дека следува историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека ќе завршат старите практики, кои биле штетни за карпошани.
– Време е да се реализираат проекти кои се во интерес на граѓаните. Знаеме колку паркови се претворија во згради, знаеме колку непринципиелни договори и колку криминални ДУП-ови видовме. Овие избори се референдумски за нас карпошани. На овие избори, карпошани мора да се решат дали ќе стават крај на досегашните практики и ќе избереме луѓе со визија, со нов концепт, а се за подобро на нашите деца, порача Лукровски во обраќање на настанот на партијата во Карпош.
На предизборниот настан се обрати и кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.