МААЕ: Иран има доволно збогатен ураниум за нуклеарна бомба

од Nikola Popovski
172 прегледи

Иранските резерви на ураниум збогатен до 60 отсто, што е блиску до нивото на нуклеарно оружје, ќе бидат доволни во случај на дополнително збогатување ураниум за нуклеарна бомба, се вели во извештајот на Агенцијата за атомска енергија на ОН (МААЕ) објавен во средата.

Преминувањето на тој праг е пресвртница во прекршувањето на одредбите од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили кои го ограничија нивото на кое Иран му беше дозволено да збогатува ураниум до 3,67 отсто, што е многу под 20 отсто што Иран постигна пред договорот. За нуклеарна бомба е потребно ниво на збогатување од 90 проценти.

Повлекувањето на Вашингтон од договорот за време на тогашниот претседател Доналд Трамп и повторното воведување санкции кон Техеран го натераа Иран да ги прекрши ограничувањата од договорот.

„Иран сега може да произведе 25 кг (ураниум) на 90 проценти ако сака“, изјави висок дипломат за Ројтерс на прашањето дали Иран има доволно збогатен ураниум за бомба.

Во извештајот на МААЕ се наведува дека залихите на иранскиот ураниум збогатен до 60 отсто во форма на ураниум хексафлуорид, гас кој се збогатува со центрифуги, се проценува на 55,6 килограми, што е зголемување за 12,5 килограми во однос на претходниот квартален извештај.

На Иран ќе му требаат околу три до четири недели за да произведе доволно материјал за бомба доколку сака, рече дипломатот, додавајќи дека ќе бидат потребни два до три дена за МААЕ да открие чекори во таа насока.

Иран негира дека има намера да произведе нуклеарна бомба.

Во индиректните разговори меѓу Иран и САД, постигнат е мал напредок кон заживување на договорот. Доколку договорот биде обновен, Иран ќе мора да затвори голем број напредни центрифуги бидејќи договорот му дозволува само да ги збогати центрифугите од првата генерација ИР-1.

Тоа би го намалило и количеството збогатен ураниум од сегашните околу четири тони на 202,8 кг.

Фото: AFP

Слични содржини