Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска потврди дека досега не пронашла „никаков знак за непријавени нуклеарни активности“ на три локации испитани на барање на Киев, кој Москва го обвинува за прикривање докази за подготовка на „валкана бомба“.
„Нашата проценка на техничките и научните резултати што ги имаме досега не покажа знаци на непријавени нуклеарни или материјални активности на тие три локации“, информира шефот на МААЕ Рафаел Гроси.
Гроси рече дека ќе поднесе извештај што е можно поскоро за резултатите од еколошките примероци, мислејќи на примероците земени од инспекторите на МААЕ.
Извршени се инспекции во Институтот за нуклеарни истражувања во Киев, во рударската централа Жовти Вода и во фабриката Днипро, по писменото барање на Украина да испрати тимови на МААЕ.
Во соопштението на агенцијата на ОН се наведува дека изминативе денови инспекторите можеле без пречки да ги завршат планираните активности и да стигнат до тие локации.
Русија ја обвини Украина дека се подготвува да користи „валкани бомби“ против нејзината армија, но Киев се сомнева дека Русија сака да употреби таква бомба и ја обвини Украина, а со тоа ја оправдува употребата на нуклеарно оружје од страна на Москва, чии војници губат територија во исток и југ на Украина.
„Валкана бомба“ е конвенционална бомба опкружена со радиоактивни, биолошки или хемиски супстанции кои се распрснуваат при детонација.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела побара од МААЕ да ги провери нуклеарните локации на Украина што е можно поскоро.