Поп-иконата Мадона упати апел до Папата Лав XIV, повикувајќи го да го посети блокираниот Појас Газа поради кризата со глад што предизвика глобален бес.
„Вие сте единствениот меѓу нас на кого не може да му биде одбиен влезот“, напиша американската пејачка на платформата на социјалните медиуми X-u доцна во понеделникот.
„Императив е хуманитарните врати да се отворат широко за да се спасат овие невини деца. Нема повеќе време“, додаде таа.
Одбележувајќи го 25-тиот роденден на нејзиниот син Роко Ричи во понеделникот, Мадона, исто така, објави планови за донации на хуманитарни организации кои работат во Газа.
„Чувствувам дека најголемиот подарок што можам да му го дадам како мајка е да ги замолам сите да направат што можат за да помогнат во спасувањето на невините деца заглавени во вкрстен оган во Газа“, напиша таа.
Агенцијата на Обединетите нации кон крајот на минатата недела изјави дека „акутната неухранетост кај децата во Газа достигнала највисоки нивоа досега“.
Само во јули, речиси 12.000 деца под 5 години беа идентификувани како акутно неухранети, а уште 2.500 страдаа од тешка акутна неухранетост, најопасната форма, според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Израел ги контролира пристапните патишта до Газа и го затвори крајбрежното подрачје.
Многу малку помош стигна до Газа помеѓу март и мај, кога Израел почна да дозволува испораки користејќи контроверзен приватен систем што ги заобиколува традиционалните агенции на ОН.
Под притисок од сојузниците, Израел неодамна почна да дозволува поголеми, но недоволни конвои со помош на територијата, додека се вршат дотури од воздух.
Во неделата, ирскиот рок бенд U2 остро ги критикуваше постапките на израелската влада.
„Знаеме дека Хамас го користи гладот како оружје на војната, но сега и Израел го прави тоа и се чувствувам згрозен од моралниот распад“, напиша фронтменот Боно.