По објавените прислушкувани разговори од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, унгарскиот телеком кој е мнозински сопственик на македонскиот, ќе спроведува истрага, велат од Дојче Телеком за Дојче Веле.
Маѓар Телеком планира истрага која ќе ја спроведуваат надворешни консултанти во својата фирма-ќерка во Македонија, вели за Дојче веле, портпаролката на Дојче Телеком, Елпида Тризи. Повод за истрагата се сомнежите за улогата на македонскиот Телеком во аферата со прислушкувањето која во Македонија ја отвори лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Уште при објавувањето на првите „бомби“ Заев оцени дека наводното масовно прислушкување на повеќе од 20 илјади граѓани во Македонија не можело да се одвива без дозвола и знаење од мобилните оператори во Македонија. Двата најголеми оператори во Македонија, Т-Мобиле и ВИП се во сопственост на фирми ќерки на Дојче Телеком и на Телеком Аустриа.
Во еден од разговорите кои ги презентираше Заев, министерот за транспорт Миле Јанакиески бара од членот на Управниот одбор на Т-Мобиле, на денот на изборите да се исклучи телефонски број кој го користи опозицијата. Во друг разговор, првиот човек на Т-Мобиле Жарко Луковски се заканува дека ќе отпушта од работа вработени кои нема да гласаат за владејачката партија.
Во Дојче Телеком, одбиваат да ги коментираат конкретните настани, но Тризи вели дека „проблемот им е познат“.
„Сепак, имајте предвид дека Дојче Телеком не е директно инволвиран во Македонија, туку преку својата подружница, Маѓар Телеком, кои се директни акционери во случајов“, вели Тризи.
Доминантен сопственик во „Македонски телекомуникации“ е фирмата АД „Камени мост Комуникации Скопје“ со 51 отсто од акциите, а 34,8 отсто од акционерскиот капитал и‘ припаѓа на македонската Влада. Сопственик на „Камени мост комуникации Скопје“ е Маѓар Телеком, а доминантен сопственик во унгарскиот телеком е Дојче телеком.
Повеќе ТУКА
