Мајка на две деца починала откако испила премногу вода за 20 минути

од Stefanija Kuzmanovska

Ешли Самерс (35) од американската сојузна држава Индијана починала откако за само 20 минути испила околу два литра вода. Мајката на две деца починала од труење со вода откако поминала релаксирачки ден на езерото Фримен како дел од повеќедневното семејно патување, пишува „Дејли Мејл“.

Последниот ден од патувањето почувствувала вртоглавица и главоболка, кои се симптоми на дехидрација, но никакво количество вода не можело да ја задоволи нејзината жед. Испила два литра вода речиси на екс.

Кога се вратила дома, паднала во својата гаража и никогаш не се освестила. Утврдено е дека имала оток на мозокот.

Во болницата лекарите ѝ дијагностицирале труење со вода, наречена и хипонатремија, која настанува поради премногу вода во телото и премалку натриум.

Кога Девон Милер, братот на Ешли, слушнал за состојбата на неговата сестра, не можел да поверува.

„Тоа беше голем шок за сите нас. Не можев да верувам дека може да се случи такво нешто. Се чувствуваше како да не може да пие доволно вода. Кога ја напуштија плажата на која беа, во тоа 20-минутно возење со брод, таа испи четири шишиња вода“, навел тој.

Откако ѝ се слошило, Ешли никогаш не се освестила и на крајот умрела.

Труењето со вода или хипонатремија е состојба која се јавува кога некој пие прекумерно количество вода за краток временски период, при што сложените органски системи на телото, првенствено бубрезите, не можат да го регулираат балансот на вода и електролити како натриум, калиум и хлорид, кој обезбедува правилно функционирање на клетките.

Натриумот е особено клучен за одржување на комуникацијата помеѓу клетките преку електрични импулси.

Натриумот, исто така, помага во апсорпцијата на хранливите материи во дигестивниот систем и бубрезите, со што се прилагодува количината на вода и електролити кои се реапсорбираат во крвотокот или се излачуваат во урината.

Слични содржини