Мајката на Данка Илиќ за првпат по исчезнувањето на девојчето се огласи за медиумите: Едно нешто најмногу ме боли

од Симе Стоиков

Потрагата по двегодишното девојче Данко Илиќ, кое исчезна пред точно седум дена во Бањско поле во Бор, се уште трае. Полицијата постојано ја чешла секоја педа од местото каде што последен пат е видено девојчето. А еден сегмент од истрагата е фокусиран на видеото снимено од српски државјанин во Виена, на кое наводно е Данка.

Ивана Илиќ, мајката на исчезнатото девојче, првпат по исчезнувањето на Данка, за Нова.рс открива дали го гледала видеото на кое наводно е девојчето, но и колку е повредена од медиумските шпекулации дека таа стои зад се.

Ивана наведува дека таа и нејзиниот сопруг се заедно, дека секојдневно се борат нивното дете што побрзо да се врати дома, но и дека со денови се шират бројни гласини за неа.

„Се држиме колку што можеме, само што побрзо да ја најдеме Данка. Чекаме да заврши сето ова, се надеваме на најдоброто, а потоа јас и сопругот ќе се огласиме јавно, и ќе одговориме на сите навреди, прозивки, небулози. Затоа не се огласуваме сега. Ме болат сите овие шпекулации, обвинувајќи ме мене и мојот сопруг“, рече разочарана Ивана.

Ивана откри што се крие зад пишувањата на одредени таблоиди, дека е откриено дека преку форензичко вештачење на нејзиниот телефон ги пребарала граничните премини со Романија, но и до кој степен може кривично да одговара.

„Телефонот беше на форензика, само ќе го кажам тоа. Ако е така, јас не би била мајка која го бара моето дете, мојот статус би бил поинаков. Сакам само Данка да се врати жива и здрава, па потоа ќе разговараме за се“, вели Ивана за Нова.рс.

На прашањето дали го гледала видеото од Виена на кое наводно се гледа нејзиното дете, Ивана вели дека го гледала.

„Го гледав видеото, но поради текот на истрагата не ми е дозволено да коментирам. Секоја чест за полицијата, луѓето не спијат, бараат деноноќно. Се надевам дека што побрзо ќе го гушнеме нашето дете“, вели мајката на исчезнатата Данка.

На прашањето дали се надева дека нејзиното дете е добро, Ивана вели дека нема да верува во спротивно.

„Не сакам ни да размислувам за друга опција“, заклучува Ивана.

Слични содржини