Мајката на Фросина: „Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено…“

од Nikola Popovski
2,9K прегледи

Камелија Кулакова, мајката на Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин на „Партизанска“ од страна на возачот Васил Јованов, на социјалната мрежа Фејсбук сподели емотивна објава. Порача дека мора да има правда за нејзината ќерка бидејќи „секој еден може да е следен“. Камелија истовремено ја замолува јавноста да не прави политика од нивната семејна трагедија.

Бескрајно е благодарна на сите кои искрено сочувствуваат со нејзиното семејство и блиски.

Подолу можете да ја прочитате целосната објава на Камелија:

„Почитувани родители, млади луѓе-идни родители. Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено., но морам да ви се обратам.
Сето ова популаризирање на нашата семејна трагедија е дотурање на сол на нашата рана која никогаш нема да се залечи.
Јас бев горда мајка. Пораснав три златни деца. Ги воспитував и учев да бидат добри личности. Добри, чесни и доблесни луѓе. Да си ја сакаат татковината. Да си ја почитуваат културата и традицијата. Да сочувствуваат. Да споделуваат радост и тага. Секогаш да се ставаат на другата страна пред да осудат и да ги разгледуваат нештата од сите страни пред секоја своја постапка.
Тоа е многу тешка задача. Особено во ова време- невреме.
И што се случи…..
Соништата на Фросина беа и наши соништа.
И што се случи…..
Огромна празнина, неподнослива болка, траорни слики кои постојано ти поминуваат пред очите и безброј зошто, зошто, зошто, зошто баш Фросина…..
И во еден момент си поислив…. можеше да е друго дете, син, ќерка, сестра, брат, љубена, Љубен, другар. Можеше друго семејство да се распаѓа од болка. А болката не познава политика. Незнае за вера, раса, нација…само едно БОЛКА.
И тогаш си реков. Морам да сум силна. Морам да сум силна за да има правда за моето чедо и сите деца чии родители, браќа, сестри не ја дочекале правдата за нив. И нема да се скршам. Ќе одам до крај. Ќе бидам мајка, татко, сестра брат….
Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила. И не само мене, на сите нас.
Заради тоа најискрено ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија. Бескрајно сум благодарна на сите кои искрено сочувствуваат со нас.Бескрајно сум благодарна на медиумите, на новинарите кои ми помогнаа некои работи да ми станат многу повеќе јасни. Благодарам на сите политичари-ЛУЃЕ, кои застанаа на нашиот пат благодарам на народот кој не подржува, зошто, без притисокот на народот и медиумите патот на правдата немаше ни да започне.
Затоа сакам да ве прашам.
Па нели благодарноста е доблест и основно начело на секое општество, цивилизација, религија“, напиша Камелија споделувајќи видео од своите ќерки.

Обвинителството не се откажува од постојано прибирање нови докази и проверки на текот на претходната постапка водена против Васил Јованов, вели републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. Делото го стори додека ја чекаше на слобода пресудата од скопска Апелација поради претходно сторено кривично дело.

20-годишниот ја прегази 22 годишната Фросина на пешачки премин на „Партизанска“ каде на самото место им подлегна на повредите. Обвинителството ќе го гони за кривично дело со умисла заради преголемата брзина, немање дозвола и управување возило под дејство на алкохол, а истрагата ја прошири и на неговите родители.

Слични содржини