Младиот актер Ангус Клауд почина на 25-годишна возраст.
Веста за неговата ненадејна смрт вчера се прошири низ светот, а како што напиша TMZ, тој починал во својот дом во Оукленд.
Според неофицијални информации, постои сомневање дека се предозирал.
Имено, ТМЗ објави дека мајката на Клауд повикала брза помош околу 11:30 часот и спомнала дека се сомнева во предозирање. Таа веднаш утврдила дека Ангус нема пулс, а итните служби на лице место можеле само да констатираат смрт.
Изворот додава дека Ангус со денови имал самоубиствени мисли по смртта на неговиот татко, кој беше погребан минатата недела.
„Тој го погреба својот татко минатата недела и интензивно се бореше со оваа загуба. Единствената утеха што ја имаме е тоа што Ангус сега повторно е со својот татко, кој му беше најдобар пријател. Ангус беше отворен за неговите борби со менталното здравје и се надеваме дека неговата смрт може да послужи како потсетник за другите дека не се сами и дека не треба сами да се справуваат со ова“, се вели во соопштението на семејството.
Тој глумеше во серијата „Еуфорија“, во филмовите „Лин“, „Северен Холивуд“, се појави во музички спотови на разни музички уметници. Два проекти во кои учествуваше ја чекаат премиерата.