Мара Халабрин, мајката на убиениот Александар Халабрин, вели дека „морбидното шоу“ на министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, што се емитуваше вчера во емисијата „Хит твит“ на телевизијата „Пинк“, во најмала рака е страшно и језиво, пренесува „Аваз.ба“.
Таа посочува дека гледајќи ги фотографиите, на кои биле осакатени телата на жртвите на Вељко Беливук, таа повторно го преживеала убиството на нејзиниот син, чие тело било пронајдено во јама во близина на Сопот.
– Тоа е страшно и језиво. Не знам која беше целта на Вулин со тој пренос на слики на кои се прикажани распарчени луѓе. Гледајќи го тоа, го замислив мојот син – раскажа Мара Халабрин низ солзи за „Нова.рс“.
На фотографиите кои се нижеа за време на вчерашната емисија, беа прикажани Вељко Беливук, Марко Миjковиќ и Срѓан Лалиќ, кои со насмевки на лицата касапат членови на ривалски кланови, но и неидентификувани млади момци.
Да потсетиме, во емисијата на телевизијата „Пинк“ во живо се прикажуваа ужасни слики од искасапени мажи, а министерот на полиција рече „дека станува збор за навивачи на Партизан, кои биле заклани од други навивачи на Партизан“.