Стипендирање на историчари, културни работници и истражувачи, вчеравечер во Скопје најави новата Глобална македонска фондација „Вечна”. Основачи на фондацијата се тетовското семејство Крстески кое со децении живее и работи во Германија, а кое со група на истакнати Македонци тука и во светот, универзитетски професори, лекари, доктори на науки, ќе ја помагаат мисијата на фондацијата за промовирање на културата и науката.
Водени од намерата за унапредување и заштита на културното наследство, промовирање на историската вистина и усовршувањето на нови стручни кадри од областа на историјата, фондацијата има формирано три фондови преку кои ќе се финансираат магистранди и докторанди, како и различни културни иницијативи. Во пополнувањето на фондовите може да се приклучи секој заинтересиран, преку соодветна донација.
На промоцијата се обратија доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, историчар, проф. д-р Љубомир Кекеновски, професор од Економскиот факултет на УКИМ, д-р Мимоза Рајл, професорка и советничка на претседателот на Владата, основачот Ацо Крстески, претседателот Мирчо Крстески и извршниот директор м-р Марко Видачек кој беше модератор на настанот.
Оваа фондација во својот назив го носи и македонското и глобалното, затоа што културата нема граници, а македонското е онаму каде што се неговите говорници, но и неговите спомени и сеќавања. Фондацијата ја основаме под слоганот „Корени и иднина”, со намера да го зачуваме и афирмираме исконското помеѓу нас, традицијата, културата, јазикот, идентитет. За да го заштитиме нашето наследство, мора да инвестираме во иднината, беше порачано на промоцијата.
Фондацијата за остварувањето на својата благородна идеја за поддршка на младите истражувачи и културните работници, но и воопшто за намерата за унапредено културно наследство, ги има отворено следните фондови за донирање: Првиот фонд се однесува на поддршка на визијата на нашата фондација. Вашата донација помага да се одржи Фондацијата и нејзините долгорочни иницијативи. Со вашата поддршка, можеме да продолжиме да го промовираме македонското наследство, да финансираме клучни проекти и да го прошириме нашето глобално влијание. Вториот фонд е фонд за млади истражувачи од повеќе области, каде целта е поставена на 15.000 евра. Третиот фонд пак, е истражувачки фонд за историски истражувања. На веб стртаницата на Фондацијата www.gmfe.org лесно достапни се начините за донирање, беше порачано на промоцијата.
Како што беше наведено, социјалната и економската компонента не може да ги изолираме од општествените и човекови односи. Подобрата економска состојба го условува и развојот на културата, туризмот, поддршката на младите истражувачи.
Фондацијата има формирано и програмски совет во кој влегуваат истакнати Македонци низ светот: проф. д-р Сања Лазарова Молнар (Германија), д-р Владимир Попоски (Шпанија), д-р Предраг Николовски (Италија), како проф. д-р Ленина Жила и проф. Перо Сарџоски како резидентни членови.