Македонецот е лидер во регионот за потрошувачка на цигари по најниска цена

од Vladimir Zorba
367 прегледи

Република Северна Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленца на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач. Податоците на Аналитика покажуваат дека преваленцата на пушење во земјата изнесува 48,4%. За споредба во европските земји, преваленцата на пушење е далеку пониска – ЕУ просекот е 29%. Во Шведска таа изнесува 8.7 %, во Грција и Бугарија 27%.

Аналитика тинк-тенк заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго во изминатата години спроведе големо регионално истражување за употребата на тутун во земјата и регионот. Ова е една од првите студии во Северна Македонија што дава сеопфатни информации за употребата на тутунот.

„Анализите покажуваат дека скоро половина од возрасните луѓе во Република Северна Македонија (48,4 проценти) во моментов користат тутун. Преваленцата на пушење е 57,9 проценти кај мажите и 39,0 проценти кај жените. Преваленцата на пушење се зголемува со возраста на пушачи, достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 процент за пушачи на дневна основа)“, изјави Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика. Таа додаде дека нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Просечната цена на кутија цигари во Северна Македонија е 1,7 евра, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, додека европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека сме држава со најниски цени на цигари во регионот.

Со покачување на цените на цигарите, преку зголемување на акцизите, државата ќе влијае на намалување на пушењето и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот кои понатаму би можело да се користат за здравствени цели за намалување на последиците од пушењето.

Бојана М. Христовска од Аналитика го истакна проблемот на нелегална трговија со тутун и тутунски производи како национален но и глобален проблем. Таа додаде дека во Северна Македонија една (1) на 10 цигари е купена на црн пазар, односно само 1,9% е даночната евазија, при што заклучи дека кај пазарот на цигари – не е проблем нелегалната трговија. Најголем проблем се јавува на пазарот на тутун за виткање – скоро 90 % од овој пазар се одвива „на црно.

„Податоците говорат дека скоро 90 % од пушачите на тутун за виткање го купиле на отворен пазар, без бандерола или здравствено предупредување. И мажите и жените подеднакво купуваат нелегален тутун, при што повозрасните граѓани (65-74 години), тие со понизок доход (под 200 ЕУР) и пушачите со понизок степен на образование, повеќе купуваат тутун за виткање. Овој тутун претежно доаѓа од нелегален увоз, но и од нелегално протекување од домашни извори.

Професорот Борче Треновски, укажа на заканата од пушење на глобално ниво и ја истакна поврзаноста на Ковид 19 со пушењето. Истовремено додаде дека оданочувањето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на конзумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи.

Регионалното истражување е во рамките на проектот„Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход, финансиски поддржан од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) – Институт за истражување и здравствена политика.

Слични содржини