Поврзувањето на Северна Македонија, Албанија и Србија во иницијативата „Отворен Балкан“ придонесува за развој на економиите и зголемување на размената меѓу земјите учеснички во оваа иницијатива. Првите преземени чекори и олеснувања се во насока на градење заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани, пишува порталот „Рацин“.
Се додава дека зголемувањето на слободите за движење на луѓе, капитал, стоки и услуги придонесува за зголемување на трговската размена меѓу трите земји.
-Доколку се анализира трговската размена помеѓу Северна Македонија и Србија се забележува зголемување на извозот, но и на увозот на стоки и услуги меѓу двете земји. Изминатата 2022 година извозот кон Србија изнесувал над 385 милиони евра, според Државниот завод за статистика, што е раст за речиси 32 отсто во однос на 2021 или раст од речиси 53 отсто во однос на 2019 година, пишуваат во текстот.