Бугарија и Албанија и даваат целосна поддршка на Македонија да се справи со кризата со бегалците. Ова е пораката што беше упатена од трилатералната средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со неговите колеги од Албанија и Бугарија, Дитмир Бушати и Даниел Митов, што се одржа во Министерството за надворешни работи.

Министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и Бугарија побараа европски одговор на бегалската криза која, според нив, создава голем товар за балканските земји, а повикаа и на поскора интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.
– Овој проблем нема да биде решен од ниту една држава сама, ниту Македонија може сама да го реши, ниту, пак, Грција или Бугарија или Германија или Шведска. Затоа ни е потребен европски договор, односно европски одговор на овој проблем, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски на денешната трилатералната средба одржана во Скопје со министрите за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Дитмир Буши и Даниел Митов.
– Има земји во Европската унија коишто треба да ја преземат својата одговорност како што тоа го прави Бугарија. Ние сме една од првите земји која го презеде тој притисок што го прави проблемот со бегалците. Во Бугарија има бегалци и тие не се малку и нема да се сложам дека тие не се третирани добро, рече Митов.
– Нашата поддршка за интеграција на Макдонија во НАТО е јасна и сите обиди за закочување не се во интерес на стабилноста и мирот на регионот, рече Буши.