Македонија како пашалак на ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ

од Nikola Popovski
993 прегледи

После повеќе од еден век, во Македонија се враќа пашалакот како систем и метод на управување со рајата (народот). Сите досегашни политики и методи на дејствување на октроираната и нелегитимна власт на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕН и оние од ЗНАМ недвосмислено упатуваат на заклучокот дека се само обична лоша копија на пет-вековното практикување на апсолутната власт каратеристична за пашалакот и пашите, таа турско-балканска варијанта на апсолутизмот, тиранијата, диктатурата. Во светско-историската енциклопедија на апсолутистички форми на владеење несомнено владеењето на оваа власт ќе остане запишана како модифицирана, современа, полоша варијанта на пашалакот како систем на апсолутно владеење на една територија, а Џанбатиста Вико, Фридрих Ниче, Освалд Шпенглер и другите застапници на концепцијата за вечно, циклично  враќање на историјата добија современ егземплар во пашалакот наречен Македонија (номинално Република Северна Македонија).

Сите аспекти на пашалакот се присутни денес, сега и овде, на територијата каде што живееме – на пример, начинот на комуникација со рајата бил преку фермани – едноставно се соопштуваат  наредбите преку медиумите под нивна уредувачка и финансиска контрола, тие се извршители на зборот на „главниот“, пашата, и ништо друго. Судско-обвинителскиот систем не постои во својата автентично демократска поставеност, туку се сведува на „кадија те тужи, кадија те суди“ – читај, пашата те тужи, пашата те суди, а кај нас пашата и те апси. Дека оваа современа форма на пашалак е дури и полоша од тие дамнешни времиња на оригиналната форма на пашалак, покажува и фактот дека за разлика од сега кога пашата е главниот, дури и тогаш имало некаква независност на кадиите, кои понекогаш се спротивставувале на самоволието на пашите и нивните намесници беговите – примерот со грабнатата Цвета од „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински, кога таа изјавува дека била грабната односно не заминала доброволно во  раскошните сараи на пашата-бегот и уважувањето на тој исказ денес е невозможно воопшто и да  се замисли, после сите отворени и жестоки притисоци на пашата т.е. власта со цел да се постават свои кадии, како што кажа последно и претседателката на судскиот совет при давањето на неотповиклива оставка. Партизацијата-пашализацијата која се спроведува во судско-обвинителскиот систем, со брутални притисоци и закани, и секојдневните напади врз Јавниот Обвинител во сета немилосрдност ја истакнуваат желбата за апсолутистичка моќ и волја за покорување на сите какви-такви институции во државата т.е. нивниот пашалак. Впрочем, се гледа како власта го замислува своето обвинителство и судство – пашата суди сам, однапред,  а судиите само мора да ја реализираат неговата пресуда, формално. Па дури и удбашките црни телефони, метафорично кажано, не ѕвонеле сами, па дури и Тито во неговата форма на пашалак имал повеќе почит кон автономијата на обвинителите и судиите со својата славна препорака до нив – дека не мора да се држат до законот како пијаниот за плот. Просто не ми се верува дека се до толку паши и бегови, дека до толку оваа држава се претвори во пашалак, што речиси секој ден дрско и незамисливо антидемократски го прават тоа дури и на говорници, јавно, пред медиумите, и неразбирливо е како на тоа не реагираат од ЕУ, амбасадорите на демократските држави, порано мошне гласните НВО. Да, стравот е доминантно чувство во пашалаци, таа атмосфера на страв од прогон на пашите и нивните кадии и бегови е донекаде човечки разбирлив, но за сите други кои имаат автономија во своето делување и некаков имунитет, е стварно чуден, срамен и застрашувачки за нас, обичниот народ, луѓе што не сакаат да живеат во пашалак. Тоа неразбирање на автономијата на правосудниот систем, на демократска поделба на извршна, судска и законодавна власт – или разбирање кое се потиснува преку апсолутистичката желба за покорување на правосудниот систем меѓу другото ја покажува иманентната „логика“ на мислење на пашата, дитаторот, тиранинот, дека тој за кого ќе каже дека е виновен, е виновен. Каква пресумпција на невиност и други демократски заштитни механизми, тие важат во демократски системи – во пашалак главниот, пашата кажува, и точка.

Економски, пашата наметнува колку сака и кога сака и какви сака нови и нови даноци врз рајата – во сопствена корист. И кредити со огромни камати се земаат кога сака и како сака пашата, конечно, рајата е тука и ќе работи и ќе плаќа, со години, со децении, а нешто ситно може и да им даде преку изградба на патче. На послушните, оние кои се докажале со својата беспоговорна лојалност кон пашалакот и пашата, за награда им се дава статусот спахија – привидна независност која вклучувала и обврска да се следат сите наредби на главниот, пашата. Има многу такви спахивчиња денес, и оние кои се трудат да станат тоа, наспроти секакво рационално мислење (всушност, услов за да станеш спахивче е да се откажеш од мислење), па се срамат додека се претвораат во апологети на режимот, на пашалакот, на пашата, но ете, којзнае зошто, сепак го прават тоа. Лично, засрамен сум од фактот дека се дружев по кафеани со многу луѓе кои мислев дека се паметни, достоинствени, а тие денес, ете ги како се поплукуваат себеси и своето достоинство во тој срамен обид да добијат статус на спахивче, во квази-интелектуално додворување кон пашата и беговите. Очигледно пашалакот ги возобнови негативните слоеви на менталитетот на рајата, на колективниот дух наклонет кон покорност, некритичко прифаќање на ферманите од пашата – но дури и тоа не може да биде оправдување за таква покорност, некритичност и не-гледање на фактите, барем за нормални луѓе со минимум самосвест, што е клучен критериум да бидеш човек.

Дека сме во пашалак во кои спахивчињата мораат постојано, понизно кон пашата (за да го одржат својот статус како спахивчиња) папагалски да го повторуваат ферманот од пашата, докажува и сосема веќе дегутантното лажење, манипулирање со вести, информации, па дури и изјави на највисоките претставници на ЕУ. Еве, изјавата на Марта Кос – не онаа во која кажа децидно дека очекува власта овде (пашата и беговите, по нашки кажано) да го смени Уставот, и ништо повеќе и ништо помалку; не, сега тие пак и уште шират лажна еуфорија во прилог на режимско-пашалачката пропаганда, дека наводно, да парафразирам наслов на едно режимско парталче, ЕУ ја менувала плочата со изјавата дека ќе се потрудела билатералните спорови да не стојат на патот на ЕУ. Па да, тоа е нејзината работа, тоа е клучниот принцип и критериум за пристап кон ЕУ – да нема билатерални спорови меѓу старите и новите држави членки, односно да нема никакви спорови кои можат некогаш да ја дестабилизираат соработката и заедничкото работење. Тоа е, ој вие кутри спахивчиња, суштината на ЕУ. Така било отсекогаш, така и ќе биде – прво се решаваат споровите и проблемите, од било каков вид, па потоа се пристапува кон пријателската атмосфера и богато и демократско друштво наречено ЕУ. Не може скарани држави, или држави и скаран пашалак да бидат во ЕУ заедно, затоа и таа практика, применувана наназад од самото основање на ЕУ, важи и денес, и за нас и за Бугарија и Грција. До толку се самоконтрадикторни од мицковистичко дпмне во врска со очајниот обид да ги прелажат пак своите гласачи, што веќе, се чини, почнаа и да бладаат, политички. Час барале некакви гаранции од ЕУ, час бараат одложено дејство на Уставните измени, час презентираат „аргументи“ пред ЕУ за кои наводно наишле на разбирање  а ден подоцна сите од ЕУ ги демантираат со императивното барање за промена на Уставот. Оваа тажна сага на една од нивните најголеми предизборни политички лаги со кои ги прелажаа гласачите („НЕ за Бугари во Устав“) – затоа и е логично тврдењето дека нивниот легитимитет е лажен, затоа што е добиен врз изборна, гласачка лага – е уште еден показател за тоа, сликовито кажано, колку неписмена раја има во пашалаците како систем. Во демократија и слобода досега народот на демократски избори ќе ги испратеше на политичкото буниште на историјата и пашалаците.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини