Македонија на пленарна сесија на ЕП – бараат сите материјали од аферата „ПУЧ“ да бидат објавени

од Vladimir Zorba
102 прегледи

Европскиот парламент доцна вечерва на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Evropski-parlament

Во Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл (либерална група) уште еднаш ќе бара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија. Ова е главната порака во нацрт-резолуција, која треба да биде усвоена на утрешното гласање во Стразбур, а веќе помина во Комисијата за надворешни работи.

Во резолуцијата јасно се вели дека Советот на ЕУ, поради нерешениот проблем со Грција околу името, ја спречува земјата да напредне во процесот на членство. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ. Тие повторно советуваат историјата да се толкува според фактите, а не идеологијата и се советува создавање на заеднички експертски комисии со соседните земји посветени на историјата и образованието.

Европратениците сметаат дека во најновиот извештај за Македонија беа акцентирани растечките фрустрации на македонското јавно мислење поради ќорсокакот во кој се наоѓа евроинтеграцијата на земјата и ризиците кои произлегуваат од тоа за тензии во земјата. Ова може да тежи на регионалната стабилност, но и да ја намали кредибилноста на Унијата и да се заврши со назадување на демократските норми на земјата. 

Очекувано во резолуцијата влегоа и последните случувања со аферата „Пуч“, прислушувањата и генерално најновата политичка криза. 

ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е под надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка. Владата да ја почитува улогата на Парламентот, да обезбеди доволен обем и време за консултации (пред се’ за уставните измени) и да овозможи целосна, независна парламентарна контрола.

ЕП е „сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични лоши дела“.

ЕП осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност“, стои во резолуцијата. Ова е најава за засилено влегување на ЕУ како посредник во решавањето на македонската политичка криза, иако нивото на кое ќе се спроведе тоа се’ уште се утврдува.

Во Нацрт-резолуцијата се истакнува исто така и „загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, за широко употребуваната самоцензура и практиката на политичка клевета во медиумите, како и нивната зависност од државниот буџет“.

Околу предложениот пакет на измени на Уставот, ЕП мисли дека некои од предлозите може да се подобрат во согласност со препораките на Венециската комисија, при што се бара почитување на Европската конвенција за човекови права и земање предвид на законодавството на Унијата. /МИА