И неделникот „Шпигл“ во последното печатено издание посветува внимание на состојбите во Македонија преку интервју со потпретседателката на опозицискиот СДСМ, Радмила Шеќеринска насловено како „Потемкинова демократија“, во кое истотака во голем дел се тематизира реакцијата на ЕУ на кризата во Македонија-пренесува DW.
На прашањето на „Шпигел“ дали земјата во последно време, поради кризата се одалечила од ЕУ, Шекеринска изјавува: „ Премиерот Никола Груевски воспостави Потемкинова демократија,зад чија фасада владее автократски. ЕУ секако дека го согледа тоа ама не интервенираше. Така владата стекна впечаток дека може да го игнорира Брисел“. А што тогаш требaше да стори ЕУ?, гласи наредното прашање на кое Шекеринска одговара: „Огромно мнозинство од Македонците во изминатите 25 години беше согласно: сакаме да ѝ пристапиме на ЕУ. Европа требаше енергично да укаже на тоа дека владата ја прокоцкала оваа опција“.
Шекеринска причините за тоа зошто не се случило такво нешто ги гледа во бројните проблеми со кои била зафатена Европската Унија: еврото, Украина, бегалците. „Македонскиот проблем беше потиснат. Никој не сакаше да отвора ново градилиште. Сега ние ја плаќаме цената за тоа“, истакнува потпретседателката на СДСМ.
„Шпигел“ ја конфронтира Шекеринска и со ставот на Москва која антивладините протести ги означува како инсценирана акција на Западот, со цел да ѝ се наштети на Русија. На прашањето дали се заканува украинско сценарио во Македонија таа вели: „Нормално, Москва би можела да се обиде да го зголеми нејзиното влијание. Ама нашиот премиер знае дека сериозна стратешка алтернатива за НАТО и за ЕУ нема“.
Радмила Шекеринска одговара и на уште едно прашање за можна закана, имено од нови етнички тензии меѓу Македонците и Албанците во земјата? „Ако нашата земја и натаму назадува, незадоволството би можело да подгрее раздор. Но досега заедничките протести попрво ги соединија луѓето“, читаме во интервјуто на Шекеринска за германскиот неделник „Шпигел“.
Повеќе ТУКА
