Македонија се соочува со сериозен проблем – квалификуваните работници се „бројат на прсти“

од Vladimir Zorba
742 прегледи

Десетина години по континуираното алармирање за недостиг на работа сила во одредени занаетчиски занимања, Македонија се соочи со ситуација во која квалификуваните работници се „бројат на прсти“.

Во моментов нема доволно водоводџии, плочкари, бравари, пекари, слаткари, паркетари, ѕидари, лимари, електроинсталатери, електричари.

Се посериозниот проблем за „Локално“ го потврдува и извршниот директор на Занаетчиската комора Скопје,  Анета Атанасовска, според која недостигот од мајстори во овие струки се чувствува  во текот на  целата година, но најмногу за време на летниот период кога заминуваат на сезонска работа во странство.

Анета Атанасовска

Анета Атанасовска

Во текот на изминатава година имаше многу бришења на занаетчиски бизниси. Многу често причина за бришење на занаетчиски бизниси е заминување во странство на занаетчијата со своето семејство, за разлика од минатото кога претежно вршеа престанок на дејност по основ пензионирање“, вели Атанасовска.

Во ваква ситуација  како логично се наметнува постојаното поскапување на занаетчиските услуги. Тие се дефицитарни и работниците во овие  дејности  не можат да одговорат на барањата на пазарот.

Со проблемот на недостиг на кадар се соочува и челичната индустрија. Во изјава за Локално, директорот на челичниот гигант Макстил – Петар Јанески ги објаснува последиците од ваквата состојба.

Петар Јанески

Петар Јанески

„Во нашата индустрија, поконкретно кај нас во Макстил се соочуваме со недостиг на кадар со средна стручна наобразба од типот на среднисти електротехничари, машински техничари и електроинженери, кој станува се поалармантен со оглед на веќе отпочнатиот процес на заминување на квалификуваниот кадар во странство. Проблемот станува толку изразен што се чини дека се исцрпуваат можностите за соодветна и навремена замена на овој тип на вработени“, вели Јанески.

Во процесот за обезбедување најсоодветни вработени се снаоѓаат на неколку начини. Процесот се одвива најмногу преку огласи, соработка со средните стручни училишта, потоа преку преквалификација и доквалификација.

Во оваа насока соработката и партнерскиот однос со средните стручни училишта е подигната на едно повисоко ниво како резултат на новиот концепт на дуално образование, по примерот на германскиот модел на стручно образование, а кој кај нас заживеа пред околу шест години. 

„Макстил“ како компанија учествува во бројни проекти, а во оваа насока компанијата развива партнерски пристап со стручните училишта, обезбедува пракса, а повеќе години наназад е  вклучена во дуалното образование и активно учествува  на сите проекти кои се во насока на развивање на соработката и поддршката на стручното образование.

Соработката со средните стручни училишта  ја сметаат за суштинска и во Занаетчиската комора. Како особено позитивен го посочуваат фактот дека на ова поле има големи позитивни придвижувања.

„Годинешниот резултат на поголем интерес за стручното образование наспроти гимназиското е позитивен сигнал дека ставовите на родителите и децата за упис во гимназиско образование се променети, и дека подобар избор за младиот човек е насочување кон одредена струка-занимање кое му нуди директно вработување на пазарот на труд“, посочува Атанасовска.

За задржување на вработените според „Макстил“ се пресудни неколку фактори.

„Најзначаен фактор кој влијае на мотивацијата конкретно кај нас е стабилноста која Макстил ја пружа на своите вработени со акцент на почитување на сите човекови и работнички права, потоа нивото на платата и дополнителните бенефиции, како исплата на највисок предвиден износ за регрес во нашата држава, грижата за здравјето и безбедноста и добросостојбата на секој вработен“, вели Јанески.

Сосема поинаква е ситуација на слободниот пазар каде во недостиг на квалификувани работници, граѓаните многу често се жртви на несовесни лица кои имаат минимално или никакво познавање за одредена занаетчиска дејност.

Свесни за овој проблем, во Комората потврдуваат дека сивата економија и нерегистрираното работење се причина поради која секој може слободно да се рекламира на социјалните мрежи за вршење на одредена занаетчиска дејност.

Оттука апелираат  граѓаните кога ќе ангажираат мајстор за некаква поправка,  да се осигураат дека тој е регистриран за вршење на таа дејност, така што ќе побараат од лицето занаетчиска дозвола издадена од надлежната Занаетчиска комора.

К.В.С.

Слични содржини