Според Глобалниот индекс на Speedtest на Оокла за ноември 2020 година, најточниот начин за мерење на перформансите на Интернет и мрежната дијагностика, Северна Македонија во поглед на брзините на мобилен интернет, од 139 земји кои беа опфатени во мерењето, е на 24 место во светот. Просечната измерена брзина на симнување податоци е 60.82 Mbps. Најбрзи мобилни мрежи имаат Обединетите Арапски Емирати (170.30 Mbps), Јужна Кореа и Катар. Од европските земји, најбрз мобилен интернет има Норвешка (100.98 Mbps) која е на 6место и Холандија (на 7.мо место). Од регионов, подобри се Бугарија, која е на 12.то место и Хрватска (18то место).Србија е на 36.то, Словенија на 39.то, а Грција на 51 место.
Во поглед на фиксниот широкопојасен интернет Северна Македонија е на 95 место (од 176 земји), со брзина на симнување податоци од 32.33Mbps.
Според последните мерења на Агенцијата за електронски комуникации вршени во октомври минатата година на подрачјето на Скопје, Куманово, Желино, Тетово и Илинден, мобилниот оператор А1 обезбедува поголеми брзини од Македонски Телеком кој до пред некоја година беше лидер во Северна Македонија. Во главниот град, на пример, кој има најмногу мобилни корисници, Македонски Телеком обезбедува брзина далеку помала од онаа што ја добиваат корисниците на А1.
Податоците од мерењата покажаа дека во Скопје за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија ДООЕЛ обезбедува брзина за пренос на податоци од 102.971 Mbps, додека кај Македонски Телеком АД Скопје брзината е 62.297 Mbps. Задолжителна целна вредност дефинирана од АЕК е утврдена да мора да биде поголема од 55Mbps.
Операторот А1 обезбедува побрз интернет и во Куманово, каде за преземање фајл со иста големина, брзината е 96.776 Mbps, а на Македонски Телеком – 68.097 Mbps. Телеком има побрз интернет на подрачјето на Желино и мерењето во ова населено место покажа брзина од 81.005 Mbps кај овој оператор, додека кај А1 изнесува 62.552 Mbps.
Извештајот за населеното место Тетово покажува дека за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија обезбедува брзина за пренос на податоци од 100.929 Mbps, додека кај Македонски Телеком била измерена брзината од 76.002 Mbps.
На подрачјето на Општина Илинден, Македонски Телеком обезбедува помала брзина на пренос на податоци од задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК која е утврдена да мора да биде поголема од 55.000Mbps. Брзината со која корисниците на мобилен интернет на Македонски Телеком можат да симнат фајл од 10 GB на подрачјето на Општина Илинден изнесува само 31.039 Mbps. Кај операторот А1 измерената брзина на пренос била 82.530 Mbps.