Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на сценаристот и режисер Георги М. Унковски во повеќе земји, објави „Варајети“. Филмот минатиот месец имаше светска премиера на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде освои две награди.
Според „Варајети“, „Филмс бутик“ го продаде филмот за диструбуција во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија, а во тек се преговори за дополнителни земји.
„Исклучително сме благодарни што Санденс толку одлично го лансираше филмот. Ретко кој филм може одеднаш да добие пофалби од критичарите, да ја привлече публиката, признанијата од жирито и ни е драго што продолжуваме да гледаме таков ентузијазам од дистрибутерите на Европскиот филмски маркет во Берлин“, изјави Џулиен Разафиндранали, шеф на продажба во „Филмс бутик“.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од далечно јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
По премиерата на 24 јануари, во холивудските медиуми излегоа позитивни критики, како на пример: “Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ во критиката на „Холивуд рипортер“ .
Рецензијата насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата : „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Фоотлосе) да се случува токму сега во едно мало село во Северна Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“.
„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра од паневропскиот филмски фонд Еуримаж.