Македонските граѓани треба да очекуваат поскапи кредити откако ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка

од Vladimir Zorba
486 прегледи

Економистите не се сомневаат во тоа дека зголемувањето на референтната каматна стапка што вчера го направи Европската Централна Банка ќе помогне во сузбивање на галопирачката инфлација но сметаат дека ефектите ќе бидат слаби. Според дел од нив одлуката за зголемување на трите клучни каматни стапки за по 0,75 %  ќе влијае на одлуките на НБРМ а со тоа и на растот на каматите за кредитите што граѓаните ги имаат во домашните банки.

„Ефектите ќе бидат послаби, заради фактот што инфлацијата се генерира на страната на понудата, каде берзанските цени на енергенсите силно ќе ја подгреваат инфлацијата. Порастот на основната каматна стапка на ЕЦБ ќе влијае и на нашата монетарна политика, која е поврзана со европската, заради монетарната стратегија на таргетирање на курсот на денарот за евро. Може да се очекува пораст и на референтната каматна стапка на НБРСМ, а тоа ќе се преслика и на активните и на пасивните каматни стапки. Како што и порано истакнав, завршува ерата на ефтини пари и реално е да се очекува зголемување на обврските на правните и физичките лица по основ на кредитирањето. Огромниот буџетски дефицит се покрива со краткорочно и среднорочно задолжување на државата кај деловните банки и емисија на државни долговни хартии од вредност на домашниот пазар, во услови кога на светските финансиски пазари веќе нема поволни каматни стапки. Јасно е дека за ублажување на товарот на кризата остануваат само мерките на фискалната политика, кои за жал заради ограничениот фискален простор нема да успеат да одговорат на сите потреби на економските оператори и националната економија во целоствели во изјава за „Локално“ професорот Зоран Ивановски.

Проф. Зоран Ивановски

Проф. Зоран Ивановски

Дополнителен инфлаторен притисок според него ќе предизвика потегот на Русија да го затвори вентилот за испорака на гас за Европа. Војната се засилува на политички и економски план вели Ивановски и реално е да очекуваме продлабочување на енергетската криза па дури и рецесија во Македонија.

„Ова негативно ќе влијае на планираниот економски раст на земјата, кој може да оди и во негативна насока, со можност да забележиме и рецесија. Истата, во комбинација со високата стапка на инфлација ќе креира неповолен економски амбиент, што ќе предизвика забавување на економската активност, пораст на бројот на фирми кои ќе го затворат бизнисот и раст на невработеноста.Многу е тешко да се предвидува во ваква состојба, но реално е да се очекува дека Европската економија ќе се соочи со бројни предизвици, кои можат да резултираат со глобална рецесија. Состојбите на политички план не влеваат оптимизам дека во следниот период можеме да очекуваме подобрување на состојбата“, дециден е Ивановски.

Во однос на договорот за испорака на 200 mwh електрична енергија од Бугарија за македонското стопанство, Ивановски предупредува на претпазливост.

„Се уште не е официјализиран договорот со Бугарија, која е една од земјите која располага со вишоци на електрична енергија, но треба да бидеме претпазливи во очекувањата заради нејзините обврски прво да ги задоволи кусоците на другите земји членки на ЕУ. Исто така, нереално е да се очекува дека цената ќе биде значително пониска од берзанската. Заради тоа, Владата мора да се ослободи од монополските стеги кои сеуште доминираат во електроенергетскиот сектор и максимално да го либерализира просторот за производство на енергија за компаниите и граѓаните. Само со домашна енергија може реално да се предвидува очекуваниот економски раст, кој пак, е единствен кој може да и помогне на земјата полесно да се соочи со последиците и влијанијата на кризата“ , констатира Ивановски.

К.В.С.

Слични содржини