Македонските граѓани не се оптимисти за 2024 година, според анкетата на Галуп

од Nikola Popovski
236 прегледи

Во пресрет на 2024 година, очекувањата на јавноста за иднината низ целиот свет се невообичаено различни и светот изгледа многу помалку обединет отколку во претходните години. Преовладува песимизмот, се чини дека економскиот просперитет исчезнува, а стравувањата од употреба на нуклеарно оружје се на невидено ниво. Само 20 проценти од граѓаните во Македонија очекуваат 2024 да биде подобра од годинава што изминува. 34 проценти сметаат дека ќе биде полоша, а 40 насто иста. Ова го покажува традиционалното глобално истражување на Галуп Интернешенел „Крај на годината“, кое во Македонија го спроведе Галуп, во периодот од први до 22-ри декември, на 1.203 испитаници.

Во регионот, Косово (68%) и Албанија (57%) се со највисок степен на „позитивни“ одговори на испитаниците, т.е оние кои сметаат дека 2024 ќе биде „подобра“ од 2023. Нешто слично како и во Македонија (20%), и во Србија (19%) и во Бугарија (18%) испитаниците покажуваат висок степен на песимизам за наредната година.

На прашањето дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста, испитаниците во земјава песимисти. 17 проценти сметаат дека 2024 ќе биде година со економски просперитет, а 42 насто велат дека ќе биде економски тешка година.

На прашањето „Според вас кој е ризикот од употреба на нуклеарно оружје во денешно време – без ризик, умерен или висок ризик?, Северна Македонија не отстапува многу од светскиот просек, па така, 11% (светскиот просек е 14%) сметаат дека ситуацијата е „без ризик“, 37% (светскиот просек е 37%) дека e со „умерен ризик“, 44% (светскиот просек е 40%) сметаат дека има „висок ризик“ од употреба на нуклеарно оружје, а 7% се без одговор.

На ова глобално истражување испитаниците беа прашани и „Дали очекувате следната 2024 година да биде за светот помирна, понемирна или иста?“. Во РС Македонија, на ова прашање 18% сметаат дека следната година ќе биде помирна од 2023 (светскиот просек е 26%), 34% дека ќе биде „понемирна“ (светскиот просек е 39%) а 41% дека ќе биде иста (светскиот просек е 29%).

Истражувањето „Крајот на годината” на Галуп Интернешнл е традиција од 1977 година и се спроведува секоја година. Оваа година биле интервјуирани близу 41.000 лица во 41 земја. Во секоја земја, национално репрезентативен примерок е со околу 1000 мажи и жени кои се интервјуирани лице в лице, преку телефон или преку Интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу + 3-5% на ниво на доверба од 95%.

Слични содржини