Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Таа порача дека е недозволиво да се напаѓаат судии и обвинители, и оцени дека тие самите имаат сила да го отстранат канцерот во нивните редови. Во услови кога судството е опструирано од власта, а премиерот и пратеници изразуваат негативен став кон Судскиот совет, единствено ми останува да го заштитам личниот интегритет и да поднесам неотповиклива оставка – кажа Дамева, најавувајќи го повлекувањето од функцијата. Таа го повика премиерот да достави до Обвинителството докази за тврдењето дека фалсификувала записници од седниците, во спротивно побара јавно да ѝ се извини.
Дамева го напушта кормилото во Судски, но останува член. Иако беше закажана итна седница за избор на нејзин наследник, сепак падна договор друг ден да се бира претседател.
Критиките на премиерот Христијан Мицкоски, освен кон судиската фела се насочени и кон обвинителите за кои вели дека се неажурни и не постапуваат по кривичните пријави. Резултат на овие состојби, според Мицкоски, е ниска доверба во правосудството.
Експертите и познавачите на состојбите со внимание ги следат случувањата. Според професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска, Дамева воопшто не смееше да биде ниту член на Судскиот совет, а камоли претседател. Појаснува дека доколку постоеа соодветни и цврсти критериуми кои се базираат на објективни параметри како искуство, знаење, интегритет, „ликови како Дамева можеа да бидат само стручни соработници“.
-И да нејзината оставка е последица на политички притисоци и манипулации исто како што беше и нејзиното поставување, вели Најчевска во разговор за „Локално“.
Професорката не гледа ништо ново ниту екстравагантно во распуштањето на Судскиот совет од страна на новата влада.
-Гледам само доказ дека ниту оваа влада нема елементарен капацитет да го воспостави системот на владеење на правото кој е тесно поврзан со поставувањето на јасни правила, критериуми и процедури кои единствено можат да обезбедат објективно структуирање на судството. Со ова новата влада само ја продолжува воспоставената традиција на партиско врамување на правосудниот систем како и секоја претходна влада во изминатите 33 години, потенцира соговорничката.
Најчевска се надоврзува на ставот дека гледаме „иста шема“ која се повторува 33 години и која не е поврзана само со ВМРО-ДПМНЕ туку со сите партии кои во некој момент дошле на власт.
-Се додека не успееме да избереме политичка структура која ќе се зафати со вистинска реформа на правосудниот систем, Македонија нема шанси да излезе од затворениот круг на партиска зависност на правосудството и недопирливост и неказнивост на високиот државен криминал, коментира профеосорката.
Со сличен став е и универзитетскиот професор и до неодамна член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев. Потезите на актуелната влада ги поврза со плановите на тогашната влада на екс-премиерот Зоран Заев.
-Да не заборавиме дека со „метла“ почна и Заев, само што неговите најави не беа вака драматични како на Мицкоски, кој што користи воена реторика, вели Калајџиев во кратка изјава за „Локално“.
Тврди дека притисокот не само што е очигледен, туку личи дека „некој смета дека ова е добар ПР за партијата“.
-Наша несреќа е што нашиве политичари никако не разбираат како функционира вистинска демократија заснована врз владеењето на правото и поделба на власта, ни кажа Калајџиев, додавајќи дека нема да дојде до целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители туку ќе заврши со оставки.
Пред неколку дена, Калајџиев на својот пост на Фејсбук објави:
„Диктатура на патриотите!! Најавите на премиерот дека извршната власт од понеделник ќе ја апси судската (и обвинителската) се трагикомични! Нам ни’ нема спас…“
Поединци од голтари станаа милионери, а обвинители кога треба да потпишат налози за апсења или истраги добиваат грозница и анксиозност, вели премиерот Мицкоски. Уверува – правда ќе има, но од тоа нема да се прави јавен театар. Според него, довербата во правосудството која е 2-3 проценти е резултат на избор на судии и обвинители од тефтери на претходната власт.
Откако Владата најави остри мерки против корумпираните во судовите и обвинителствата, социјалдемократите ова го протолкуваа како директна закана со цел да се воспостави партиска контрола врз правосудството. Од „Бихаќка“ велат дека изјавите на Мицкоски се преседан и обид за уништување на владеењето на правото.
Државниот обвинител Коцевски, кој беше посочен од премиерот дека е неажурен и не постапува по поднесените пријави, вели дека ќе продолжи да работи чесно, а во законот има одредби по кои може да биде разрешен.
Без да открива детали, Мицкоски најави дека од понеделник стартува акција за сузбивање на криминалот и корупцијата во правосудната фела, а судии и обвинители ќе треба да одговараат за противзаконски дејствија.
Н.П.