Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на поодлучен пристап кон постепено укинување на јагленот за време на неговото обраќање на Светската климатска конференција КОП28 во Дубаи.
Групата индустриски најразвиени земји Г7 треба да даде пример и да се заложи за постепено укинување на јагленот пред крајот на деценијата, им рече Макрон на делегациите во кои имаше многу шефови на држави и влади.
Г7 ја сочинуваат САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Велика Британија.
Пазарите во развој, исто така, треба постепено да го исфрлат јагленот, додаде тој, велејќи дека земјите во развој треба да бидат способни да бидат во чекор економски, но не врз основа на фосилните горива. Богатите земји треба да им помогнат во исфрлањето, според францускиот лидер.
Макрон ја истакна потребата да се биде кохерентен и да не се субвенционираат нови електрани на јаглен. Во моментов нема поттик за приватните инвеститори да инвестираат во обновливи извори на енергија наместо во електрани на јаглен, тврди тој – што ја прави ситуацијата апсурдна и инвестицискиот систем нефункционален.
Макрон повика и на различни каматни стапки за „зелените и кафените енергии“, пренесе ДПА.