Францускиот претседател Емануел Макрон се приклучи на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, велејќи дека тој го поддржува укинувањето на патентите за вакцини против КОВИД-19.
Но, Макрон, исто така, инсистира на тоа дека приоритет е прво побогатите земји да донираат повеќе дози на посиромашните земји, објави АП.
Францускиот лидер рече дека „целосно“ поддржува укинување на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцините против КОВИД-19, потенцирајќи дека „очигледно мораме да ја претвориме оваа вакцина во глобално јавно добро“.
Но, тој исто така тврди дека дури и ако патентот се одземе, фармацевтските компании во места како Африка во моментот не се опремени да прават вакцини и наместо тоа, донациите за дози треба да бидат приоритет.
Макрон тврди дека Европската унија е во првите редови за донација на вакцини и повика и САД и Велика Британија да споделат повеќе дози.
Тој рече дека „Европа е најдарежливиот континент“ затоа што извезла 45 милиони дози и изрази надеж дека „Британците, Американците и другите ќе го следат“ нивниот пример.