Макрон: Хуманитарна пауза во конфликтот меѓу Израел и Хамас што е можно поскоро

од Stefanija Kuzmanovska

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека мора многу брзо да се постигне „хуманитарна пауза“ во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и дека заштитата на цивилите е нешто за кое не може да се преговара.

„Мораме да работиме на заштита на цивилите што е можно поскоро. За да го постигнеме ова, ни треба хуманитарен прекин многу брзо и мора да работиме на прекин на огнот“, рече Макрон во Париз, на отворањето на меѓународната конференција за помош на цивилите во Појасот Газа.

Тој нагласи дека „цивилите мора да бидат заштитени“ и дека тоа е „итна потреба за која не може да се преговара“, објави „Гардијан“.

Франција денеска е домаќин на голема меѓународна хуманитарна конференција за Газа, која Макрон ја повика да одговори на растечките потреби на опколената палестинска енклава, кои вклучуваат храна, вода, струја и гориво, како и медицински материјали.

На конференцијата се очекува да присуствуваат делегации од над 50 земји, вклучително и неколку европски земји, САД и регионалните сили како Јордан, Египет и земјите од Заливот, како и Обединетите нации и невладините организации, соопшти Елисејската палата.

Слични содржини