Францускиот претседател Емануел Макрон побара од кинескиот претседател Си Џинпинг да обезбеди поголем пристап за француските компании на кинескиот пазар, како и укинување на царините што ги погодуваат француските производители на коњак. „Кинеските инвестиции се добредојдени во Франција, но нашите компании треба да имаат еднакви услови и таму и тука“, напиша Макрон на социјалната мрежа „X“.
Двајцата лидери разговарале телефонски, при што Макрон посочил дека тој и Си се согласиле што побрзо да се решат проблемите поврзани со извозот на француски коњак во Кина – важен производ за француската економија.
Кинескиот претседател потврдил дека во разговорот било ставено акцент на трговските односи и продлабочување на соработката меѓу двете земји. Тој истакнал дека Кина и Франција треба заеднички да ги штитат меѓународните трговски правила и глобалниот економски поредок, како и да практикуваат „вистински мултилатерализам“.
„Кина и Франција треба да ја зајакнат стратешката комуникација и да ја консолидираат својата соработка“, нагласил Си Џинпинг.
Дополнително, тој предложил двете земји да ги прошират партнерствата во клучни сектори како инвестициите, авијацијата и нуклеарната енергија.
Овој разговор доаѓа во време на зголемени економски тензии меѓу Кина и Европската Унија, особено околу пристапот до пазарите и заштитата на европските производи.