Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Кина има „главна улога“ во изнаоѓањето начин за мир во Украина и рече дека не е во нејзин интерес да ја снабдува Русија со оружје во војната против Украина.
Тоа е чин за кој францускиот лидер рече дека ќе го направи Пекинг соучесник во кршењето на меѓународното право, објави „Ројтерс“.
„Не е во интерес на Кина да има долготрајна војна“, рече Макрон.
Европа не смее да ги нарушува трговските и дипломатските врски со Кина
Францускиот претседател нагласи дека Европа мора да се спротивстави на нарушувањето на трговските и дипломатските врски со Кина.
На почетокот на државната посета на Пекинг, тој рече дека одржувањето на дијалогот со Кина е клучно со оглед на нејзините блиски врски со Русија, која води војна во Украина, објави „Ројтерс“.
„Слушаме се посилни гласови кои изразуваат голема загриженост за иднината на односите меѓу Западот и Кина, што во некоја форма доведува до заклучок дека постои неизбежна спирала на зголемени тензии“, изјави Макрон за новинарите во француската амбасада во Пекинг.