Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека нападот што го изврши Хамас во Израел на 7 октомври е „најголемиот антисемитски масакр на нашиот век“.
Говорејќи на државната церемонија за оддавање почест на Французите кои беа убиени во нападот, Макрон рече дека секој ден се бори за ослободување на тројцата Французи за кои се верува дека сè уште се заложници на палестинското исламистичко движење.
Тој додаде дека не смее да се попушти пред антисемитизмот.
„Ништо не може да го оправда, ниту да даде изговор за тој тероризам“, рече францускиот претседател во дворот на Палатата на инвалидите во Париз, каде што биле изложени фотографии од жртвите.
Во нападот на Хамас, кој доведе до израелската воена операција во Појасот Газа, загинаа 42 француски државјани.