Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека одржува редовни разговори и директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин.
„Секогаш одржувам редовни разговори и директен контакт со претседателот Путин, бидејќи верувам дека ова е најдобриот начин да се продолжи интеракцијата за одржување на директен канал. Изолацијата е најлошата работа, особено за лидер како него“, рече Макрон во интервју за Си-Би-Ес.
Тој изрази мислење дека на 24 февруари, кога Русија одлучи да започне војна во Украина, направила огромна грешка, прво затоа што не го почитувала меѓународното право и ги прекршила сите принципи, а второ затоа што „најверојатно направила многу грешки во нејзината проценка на нејзините и на украинските капацитети“.
„И сега се случува, да речеме, дека од септември, тие решија да бомбардираат многу цивилна инфраструктура. Ова е воено злосторство“, рече Макрон.
Имајќи предвид дека војната во Украина предизвика скок на цените на храната и енергијата, како одговор на прашањето колку може да трае отворената поддршка на Западот за Украина, Макрон рече дека е исклучително важно „Европјаните, Американците и максималниот број од земјите во овој свет ја поддржуваат Украина“.
Тој изрази мислење дека е важно да се пренесе пораката дека за крајот на војната одлучуваат Украинците, а единствениот начин за решавање на ситуацијата во Украина би бил преку преговори.