Францускиот претседател Емануел Макрон и натаму е голем фаворит на претседателските избори закажани за април, објави парискиот весник „Монд“ ново истражување на јавното мислење.
Зад Макрон, кој се уште официјално не се кандидирал, со речиси ист број гласови се кандидатката на десницата Валери Пекрес и кандидатката на крајната десница – Марин Ле Пен.
Според анкетата, Макрон би можел да освои околу 25 отсто од гласовите во првиот круг на гласање закажан за 10 април. Валери Пекрес и Марин Ле Пен би освоиле по петнаесет отсто од гласовите.
Во вториот круг на гласање закажан за 24 април, Макрон ќе победи без разлика дали Ле Пен или Валери Пекрес ќе влезат во тој круг.
Тогаш Макрон би освоил околу 54 отсто од гласовите, Валери Пекрес 46 отсто, а Марин Ле Пен 43 отсто. Кандидатот на крајната десница Ерик Земур би добил околу 13 отсто од гласовите во првиот круг.
Што се однесува до левицата, најмногу гласови би освоил лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, околу осум отсто, додека кандидатката на социјалистите, Ан Идалго, 3,5 отсто.
Медиумите кои ги пренесуваат анкетите постојано потсетуваат дека овие резултати не се прогнози за исходот од гласањето, туку се показател за моменталниот однос меѓу политичките сили.
Последната анкета беше спроведена од 14 до 17 јануари со повеќе од 12.000 испитаници.