Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска дека сака Европската унија да го регулира увозот на пилешко месо и жито од Украина и да дозволи пофлексибилни правила за земјоделство во Унијата, со цел да ги смири протестите на француските фармери.
Макрон ги дал ваквите забелешки за време на државната посета на Шведска додека фармерите паркирале трактори на француските автопати, делумно блокирајќи го пристапот до неколку аеродроми во земјата.
Слични протести на земјоделците избија во неколку европски земји, меѓу кои и Германија и Полска, пред изборите за Европскиот парламент во јуни, каде се очекуваат поголем број гласови за екстремната десница, за која земјоделците се сè поважен електорат. Протести за февруари најавија и шпанските фармери.
Макрон истакнал дека Франција сака „да има јасни мерки за увоз од Украина бидејќи денес имаме работи кои го дестабилизираат европскиот пазар на пилешко месо или жито“.
Земјоделците во Франција, најголемиот земјоделски производител во ЕУ, велат дека не се доволно платени, дека се задушени од прекумерните еколошки регулативи и се соочуваат со нелојална конкуренција од евтиниот увоз.
„Што и да се случи, ние сме решени да одиме до крај“, изјавил фармерот Жан Батист Бонгард додека неговите колеги и пријатели се собрале околу запален оган на автопатот кај Жосињи, во близина на Париз.
Автопатот во раните утрински часови бил блокиран од трактори.
„Ако движењето треба да трае еден месец, тогаш тоа ќе трае еден месец“, рекол Бонгард, кој го презел семејниот бизнис во јули и му е тешко да конкурира со странските производители кои не ги следат истите прописи.
Белгиските земјоделци и фармери планираат блокада на контејнерското пристаниште Зибриж во вторник, што е знак дека француските протести се прелеваат во други земји.