Макрон: Путин продолжува да лаже за мирот, приоритет е безусловен прекин на огнот во Украина

од Љубиша Владимиров
18 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изрази надеж дека рускиот претседател Владимир Путин конечно ќе престане да лаже кога тврди дека сака мир, а продолжува да ја бомбардира Украина. Додаде дека приоритет треба да биде безусловен прекин на огнот во Украина.

„Во Украина чекаме само еден одговор на прашањето, дали претседателот Путин се согласува на безусловен прекин на огнот“, рече Макрон за време на посетата на Мадагаскар и додаде дека незадоволството на Американците треба да биде насочено само кон една личност, а тоа е Путин.

Францускиот претседател додаде дека приоритет мора да биде безусловен прекин на огнот во Украина, оценувајќи дека статусот на Крим, кој е во центарот на ќорсокакот во потрагата по договор со Москва, сега не треба да биде главното прашање. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Крим е веќе изгубена територија за Киев, бидејќи полуостровот на Црното Море е анектиран од Русија.

„Прашањето за статусот на полуостровот сега во никој случај не се поставува и не зависи од нас да го правиме тоа“, смета Макрон, додавајќи дека прекинот на огнот е почеток на се.

„Сите други прашања се прашања кои спаѓаат во мировните преговори кои потоа мора да се одржат и кои ќе ги земат предвид воените позиции, територијалните и безбедносните прашања“, рече Макрон.

Слични содржини