Макрон се огласи за аферата Uber: „Само си ја вршев работата“

од Stefanija Kuzmanovska

По откривањето на контроверзната врска меѓу Uber и тогашниот француски министер за финансии Емануел Макрон во 2014-2016 година, Макрон се огласи велејќи дека ја направил вистинската работа со отворање нови работни места.

Сепак, ова откритие му зададе уште еден удар на Макрон по неговиот пораз на парламентарните избори.

Како што е откриено од податоците споделени од група истражувачки новинари, повеќето од тие состаноци меѓу Макрон и Uber биле тајни, дури ни премиерот и претседателот на земјата не знаеле за нив.

Макрон призна дека имал тајни состаноци:

„Како министер (за економија) само си ја вршев работата. Но, сега се создава впечаток како нешто да е лошо ако министерот се сретне со директор на странска компанија (…) Горд сум што отворив нови работни места во Франција на овој начин“.

Со странските инвестиции, Макрон во последните години и во улога на претседател на земјата, навистина значително ја намали невработеноста, која со децении беше еден од најголемите проблеми на Франција. Во владиниот табор сега посочуваат дека Макрон е против монополот, а во случајот со Uber бил против монополот на таксистите. Освен тоа, тој во овој случај не заработил, па не би требало да се работи за корупција.

Екстремно десничарското Национално собрание и Обединетата левица веќе повикаа на формирање на специјален парламентарен истражен оддел по откритијата.

Макрон сега е во уште поголема неволја отколку што беше по парламентарните избори, кога неговата коалиција не успеа да освои апсолутно мнозинство, со само 240 од 577 пратеници. Згора на тоа, сите невладини парламентарни групи одбија да соработуваат со коалицијата, што значи дека на премиерката на Макрон, Елизабет Борн ќе ѝ биде тешко да владее.

Слични содржини