Макрон се сретна со Абас и повика на обновување на мировните преговори

од Stefanija Kuzmanovska
233 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на обновување на израелско-палестинските мировни преговори по средбата со претседателот на палестинската управа Махмуд Абас во Париз.

Макрон ја истакна потребата од „обновување на директниот политички дијалог меѓу Израел и Палестинците“ и предупреди дека насилството може да избие во секој момент, и дека преговорите може да бидат „тежок пат“, но нема алтернатива, пренесоа агенциите.

Францускиот лидер пред две недели се сретна со претседателот на преодната влада на Израел, Јаир Лапид, за време на првата посета на Лапид во странство откако е на таа позиција, а потоа оцени и „дека нема алтернатива за обновувањето на политичкиот дијалог.

На заедничката прес-конференција со Макрон, Абас ги осуди активностите на Израел и неодамнешното убиство на палестинската новинарка Ширин Абу Аклех.

Палестинскиот претседател рече дека таа „ладнокрвно е убиена без причина“.

„Кој ја уби? Сакаме да откријат кој го направил тоа“, рече Абас, мислејќи на новинарката на „Ал Џезира“ убиена додека известуваше за нападот на израелската војска во Џенин на Западниот Брег.

Тој минатата недела се сретна со американскиот претседател Џозеф Бајден во Витлеем на окупираниот Западен Брег и апелираше за обновување на преговорите со Израел со цел да се реши деценискиот конфликт врз основа на моделот на две држави.

Двајцата лидери во Париз се очекуваше да разговараат и за кризата со храна предизвикана од руската инвазија на Украина, која „особено ги погодува земјите од Блискиот Исток“, објави „Франс прес“.

Макрон и Абас телефонски разговараа во јуни, а во тоа време францускиот претседател изрази „загриженост“ за „влошувањето на ситуацијата“ на палестинските територии бидејќи мировниот процес е закочен од 2014 година.

На средбата со Лапид, Макрон изразил волја да придонесе за обновување на мировниот процес, па дури и да ја „мобилизира меѓународната заедница“ за да се постигне оваа цел.

Слични содржини