Претседателот на Франција, германскиот канцелар и премиерката на Италија денеска го поздравија вклучувањето на Белград и Приштина во вчерашните разговори во Брисел, нагласувајќи дека сега треба да се работи на целосна имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите.
„Со цел да се постигне брз напредок во имплементацијата, го повикуваме Косово да иницира процедура за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, како што е пропишано во (новиот европски) нацрт-статут, а Србија да испорача де факто признавање. Формалностите, вклучително и оние поврзани со усвојувањето, не треба да застанат на патот за напредок во ова прашање“, порачаа лидерите на трите најмоќни европски земји.
Се додава дека нацрт-статутот за ЗСО што беше претставен и кој тројцата функционери целосно го поддржуваат, вклучува „современ европски начин за решавање на чувствителното прашање за заштита на малцинствата во согласност со најдобрите европски практики и стандарди”.
Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони наведуваат дека „фазата на имплементација треба да напредува така што двете страни паралелно, чекор по чекор, треба да ги исполнуваат своите обврски, во согласност со принципот дека двете страни треба да направат нешто за да добијат нешто“.
„Фокусот сега треба да биде на целосно спроведување на Договорот (на патот кон нормализација), без предуслови или одложувања. Сега очекуваме дека Косово и Србија брзо ќе се договорат за деталите во дијалогот со посредство на ЕУ. Во случај на недостаток на напредок во нормализацијата на односите, двете страни ризикуваат да пропуштат важни можности“, нагласуваат Шолц, Макрон и Мелони.