Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги денеска пристигнаа со воз во Киев, на заедничко патување кое треба да ја нагласи нивната поддршка за Украина во борбата против руската агресија, пишува „Ројтерс“.
Француската телевизија BFM TV прикажа во живо снимка од ноќниот воз кој пристигнува во главниот град на Украина со европските лидери, наведува британската агенција.
Лидерите на трите најголеми земји на Европската унија се очекува денеска да ја покажат својата поддршка за Украина за време на нивната посета на Киев, непосредно пред одлуката на Брисел за статусот на украинската кандидатура за членство во Европската унија, јавува „Ројтерс“.
Нивната посета, која не беше официјално најавена од безбедносни причини, доаѓа еден ден пред Европската комисија да даде препорака за статусот на Украина како кандидат за членство во ЕУ, наведува британската агенција.