Макрон во Киев: Путин ми кажа дека нема дополнително да ја ескалира кризата

од Nikola Popovski
228 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Киев изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му рекол дека нема да придонесе за натамошна ескалација на украинската криза.

Говорејќи на заедничката прес-конференција по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Макрон рече дека Путин му рекол за време на петчасовната средба во Москва вчера дека „нема да иницира ескалација“ и додаде дека „мисли дека тоа е важно“.

Кремљ претходно ги негираше наводите дека Макрон и Путин постигнале договор за деескалација на кризата околу Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека „во сегашната ситуација Москва и Париз не можат да постигнат никакви договори“.

Според Макрон, Путин вчера му рекол и дека нема да има руски „постојани (воени) бази“ или „распоредување (сили)“ во Белорусија, каде што Русија испрати голем број војници да учествуваат на воени вежби.

Песков рече дека Русија отсекогаш планирала да ги повлече војниците од Белорусија по воената вежба.

На конференцијата со Макрон, Зеленски рече дека ќе ги поздрави конкретните чекори на Путин кон деескалација, додавајќи дека „во принцип не верува во зборот“.

Разговорот со Макрон го нарече „многу плоден“.

„Имаме заеднички став со претседателот Макрон за заканите и предизвиците за безбедноста на Украина, цела Европа, светот“, рече Зеленски.

Тој изјави дека Франција обезбедува финансиска помош од 1,2 милијарди евра за Украина и помага во обновата на инфраструктурата на истокот на земјата, која беше уништена од војната.