Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не е во интерес на Европа да ја засили кризата околу Тајван и дека треба да следи стратегија независна и од Вашингтон и од Пекинг.
Макрон штотуку се врати од тридневната државна посета на Кина, каде што беше срдечно пречекан од кинескиот претседател Си Џинпинг.
Кина вчера започна воени вежби во близина на Тајван, што многумина на Запад го толкуваат како реакција на средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, во средата.
„Европа не треба да го ескалира конфликтот“
Макрон рече дека Европа не треба да го ескалира конфликтот околу Тајван, туку да се обиде да изгради сопствена позиција како трет пат меѓу Кина и САД, зборувајќи за Les Echos и Politico за време на посетата на Кина.
„Најлошо би било ако ние Европејците мораме да бидеме следбеници во ова прашање и да се прилагодиме на американскиот ритам или кинеското претерување“, изјави францускиот претседател за Politico.
Европа мора повеќе да ја финансира својата одбранбена индустрија, да развие нуклеарна и обновлива енергија и да ја намали зависноста од американскиот долар за да ја ограничи зависноста од САД, рече Макрон.