Макстил започна нова пракса кај македонските компании со јавно објавување на емисиите на цврсти честички кои се испуштаат од производствените оџаци за време на работењето на фабриката. Така, според годишните мерења на компанијата, во месеците кога се одвивало производство во погонот Челичарница, максималната достигната вредност на емисии на прашина е 0.74 mg/Nm3, што е повеќе од 25 пати под дозволената граница од 20 mg/Nm3.
Во исто време мерења се вршат кај станицата Гази Баба, која е во надлежност на Министерството за животна средина и го мери квалитетот на воздухот на територијата на општината. Лоцирана е на ридот во Северо-западниот дел на Скопје, во близина на универзитетскиот комплекс, а Северо-западно од станицата, на оддалеченост од 2 километри од комплексот на индустриски капацитети на територијата на поранешната Железарница. Оддалеченоста од главниот пат односно булеварот Александар Македонски е 300 метри, а најблиските станбени објекти од оваа мерна станица се на оддалеченост од само околу 100 метри.
Според мерењата на оваа мерна станица, највисоките нивоа на просечни дневни концентрации на цврсти честички помали од 10µm PM10, се забележани во деновите и во периодот кога челичарница на Макстил воопшто не работела. Додека, според графиконот на мерењата во периодите кога производниот погон Челичарница работел, нивоата се ниски дури и далеку под граничните дозволени вредности.
Мерењата на Гази Баба покажуваат дека највисокото ниво на загаденост е регистрирано во месеците јануари и февруари односно ноември и декември, кога вредностите се движат и до 194 µm/m3 додека граничната вредност односно највисокото дозволено ниво на присуство на овие честички во воздухот е 50 µm/m3.
На последниот надзор на Државниот инспекторат за животна средина беше констатирано дека во комплексот на поранешната Железарница работат преку 60 правни субјекти, помали и поголеми. Поголемите индустриски капацитети вклучително и Макстил, поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола, додека голем дел од помалите правни субјекти немаат ни основни еколошки елаборати.
Во последниве години индустријата е под голем притисок за строго почитување на сите законски акти и воведување производни стандарди соодветно домашните еколошките нормативи. Големите индустриски капацитети мора да ја поседуваат А-интегрираната еколошка дозвола со којашто се регулираат и контролираат сите можни извори на загадувачки супстанции, и самите можат да мерат емисии на ПМ10, на ПМ2,5. Но и покрај тоа, загаденоста на воздухот е висока. Тоа го покажува и годишното мерење на загаденоста на воздухот од мерната станица Гази Баба, којашто го мери присуството на PM10 честичките.
Во лоцирањето на изворите на загадувачи на воздухот се набројуваат неколку фактори и секогаш прва се наведува индустријата, па следат старите автомобили, домаќинствата, дивите депонии, а всушност согласно спроведените анализи големите индустриски капацитети се најмалите загадувачи и во целост ја почитуваат постојната законска регулатива.
Потегот на Макстил е добар показател дека секоја индустрија треба да преземе проактивни чекори за ваков тип објави, бидејќи клучно во комуникацијата е транспарентноста.