Максути: Иницијативата на Левица за референдум е непотребна и доцнета

од Destan Jonuzi
326 прегледи

Иницијативата на опозициската Левица за референдум е непотребна и задоцнета, смета Мерсим Максути, професор на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово.

– Според Законот, Референдумот може да се организира во периодот по потпишувањето на договорот со Бугарија и до моментот на ратификација во Собранието, нешто што не го бара и ја користи такватата можност ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов, ова е во спротивност со главниот политички процес за решавање на 30-годишниот спор со соседната земја и процесот за членство во ЕУ. Поаѓајќи од ова, иницијативата за референдумот не стои ни од правна логика, бидејќи прашањето за кое мора да се одлучува дури ја надминува законската рамка, која не треба да се гледа стриктно само од формален аспект, туку конечната цел на постигнат договор, а тоа е членство во ЕУ, изјави Максути за „Локално“.

Прашањето на иницијативата на „Левица“ за Референдум гласи „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022“. Правните експерти имат забелешки во делот на референдумското прашање на „Левица“ бидејќи сметат дека не сите граѓани ги знат точките на собраниските заклучоци од 16 јули 2022.

Иницијативата на Левица денеска ќе се достави во Собранието кај првиот парламентарец Талат Џафери кој ја препраќа до надлежните парламентарни комисии.

Ако се утврди дека иницијативата е во ред, Собранието е должно во рок од 30 дена да донесе одлука. Доколку добие зелено светло Левица може да почне со постапката за собирање 150.000 потписи, во рок од три месеци, неопходни за одржување референдум. Ако тие потписи бидат собрани, тогаш може да се премине на спроведување на референдумот, кој за да биде успешен, потребно е да излезат најмалку половина од впишаните избирачи и мнозинството од нив да се изјаснат дека се, како што бара Левица, против „Продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022-ра“.

Слични содржини