Во Рим денеска беше свечено отворен мал мост над Фонтаната Треви, која во моментов нема вода поради реконструктивните работи.
Мостот оди преку фонтаната и им овозможува на туристите традиционално да фрлаат паричка од „уникатна перспектива“, изјави градоначалникот на Рим – Роберто Гуалтиери.
Мостот можат да го поминат одеднаш околу 130 луѓе, а се очекува работите да завршат пред почетокот на јубилејот во декември, пренесе Анса.
Ватикан следната година ќе го прослави јубилејот „Света година“ кој се слави на секои 25 години, а по тој повод во Рим во тек е реставрацијата на речиси сите поголеми споменици.
Во моментов поради работите нема вода во Фонтаната Треви, поради што властите претходно поставија базен каде туристите можат да фрлаат парички во желба да се вратат во италијанската престолнина.
Поради ова, корисниците на мрежата TikTok ја „преименуваа“ познатата римска фонтана Треви во „Базен Треви“, на шега критикувајќи ја одлуката на локалните власти да постават мал базен пред фонтаната каде што туристите ќе можат да фрлаат монети.
Корисниците ги критикуваа градските власти, за кои тврдат дека не сакаат да се откажат од профитот од туристите, додека други ги критикуваа посетителите кои избираат да фрлаат монети и покрај реконструкцијата.