Ако се земат во предвид бројките кои ДЗС ги публикува во Статистичките годишници за бројот на живородени деца на возраст од 0 до 14 години, притоа ако од нив се одземат починатите од 0 до 14 години, и се споредат со бројката која е добиена со т.н. попис може да се заклучи дека станува збор за разлика од 4209 живородени деца. Некој треба да и објасни на јавноста како е тоа можно, вели во разговр за „Локално“, политичкиот аналитичар проф, др. Самоил Малчески.
Според него самата функција на статситичката операција треба да обезбеди квалитетен сет на податоци за да се олесни основната функција на државата како што е планирањето.
-Притоа податоците треба да се искористат за планирање на патна и железничка инфраструктура, образовна инфраструктура, здравствена инфраструктура, рамномерен економски развој итн. За жал, некој од статистичка операција направи политички циркуз и тоа на штета пред се на граѓаните кои решиле да продолжат да живеат на територијата на Република Македонија, смета тој.
Според резултатите од последниот попис, бројот на жители е намален за 185 илјади, дури 207 населени места останале празни. Ваше видување за бројките и колку се тие одраз на ситуацијата во државата?
Доколу подетално се анализираат бројките се појавуваат низа нелогичности за кои Симевски и ДЗС треба да дадат одговор во јавноста. Имено, ако се земат во предвид бројките кои ДЗС ги публикува во Статистичките годишници за бројот на живородени деца на возраст од 0 до 14 години, притоа ако од нив се одземат починатите од 0 до 14 години, и се споредат со бројката која е добиена со т.н. попис може да се заклучи дека станува збор за разлика од 4209 живородени деца. Некој треба да и објасни на јавноста како е тоа можно. На кои податоци треба да веруваме, на оние од Стстистичките годишници или на податоците од т.н. попис. Како со пописот испаднаа 4209 деца на возраст од 0 до 14 години повеќе, а сите сме сведоци дека Македонија демогравски се празни.
Понатаму, ако се земе стапката на морталитет во просек помеѓу 2016 и 2019 година таа изнесувала 9,75 промили. Секако тука не смееме да ги земеме во предвид 2020 и 2021 година бидејќи ќе добиеме нереална стапка заради пандемијата. Ако се анализираат податоците од т.н. попис, стапката на морталитет кај Македонскиот народ е 17,4 промили, а додека кај една етничка заедница таа стапка изнесува 3,7 промили. Вакво отстапување од просечната стапка на морталитет не е возможно доколку сетот на податоци е прибавен според методологијата и ако некој не си играл весела математика со податоците.Ова се само две од низата недослености во податоците кои фрлаат сомнеж на целата статистичка операција наречена попис 2021.
Над 132.000 не учествувале во пописот, нивните податоци се преземени од административни извори. Според изворите, поголемиот дел е македонско население, па дали Македонците си „пукаа сами во нога“?
Не би сакал да обвинувам некого, секој си сноси последици за своите постапки. Во секој случај ако тие луѓе се попишаа и ако се самопопишеше македонската дијаспора секако бројките ќе беа многу поразлични. Но, токму бројката од 132000 граѓани за кои административно се прибавени податоците е уште една од низата причини заради кои оваа операција е спорна и е спротивна на Законот за попис. Имено во член 10 од самиот закон јасно е прецизирано кои податоци треба да се обезбедат за лицата што ќе бидат опфатени со пописот. Имено за овие 132000 граѓани не се обезбедени податоци за етничките и религиозните карактеристики, а спорни се податоците и за образовните карактеристики и со тоа е прекршен Законот за попис. Притоа, како што и самиот Симевски кажува презентираните податоци се нецелосни и неточни. Тука, исто така сакам да укажам и на двојните стандарди на Симевски. Имено, зошто административно не се превземени податоците и за дијаспората? Ако МВР знае дека има издадено близу 2,5 милиони државјанства, тогаш што станува со уште над 400000 македонски државјани кои не се опфатени со пописот.
Според податоците, резидентното албанско население изнесува 24,3 отсто. Ахмети честиташе, но од Алијансата за Албанците обвинуваат за предавство поради малата бројка во дијаспората, а БЕСА велат дека повеќе од 10% од Албанците ја напуштиле својата татковина поради лошите политики. Вмеша ли, според вас, политиката прсти во пописот?
Секако дека да. Најголем аргумент дека нешто е спорно со тие бројки е фактот дека албанскиот политички блок во Република Македонија упорно одбива да се промени изборниот законик и бројот на изборни единици да го намалиме од шест на една. Ако се толку сигурни во презентираните бројки, тогаш треба да се свесни дека со една изборна единица најмногу ќе профитираат токму тие. Ако се направи летимична анализа на вака презентираните бројки тогаш лесно може да се заклучи дека бројот на пратенците од албанскиот блок ќе биде најмалку 30 без притоа да имаат потреба да коалицираат со било која македонска партија.
Демократскиот сојуз излезе со мислење дека ова не се реални бројки, барем во однос на дијаспората, и бара одговорност за надлежните и дополнително пребројување. Треба ли посебен попис само за дијаспората?
Гласот на Демократскиот сојуз во Парламентот е глас за поддршка на ваквата лакрдија. Ако Павле Трајанов има искрени намери, тогаш место што продава демагогија треба да се впушти во акција. Оттука, анкетна комисија во Собрание со поддршка од експерти по статистика е првиот чекор кој треба да го превземе. Таа анкетна комисија би направила увид во прибавените податоци и дали доследно се спроведувала методологијата. Се друго е само пуста желба да се биде актуелен во медиумите.Што се однесува до дијаспората, нас ни треба регистар на дијаспората. Во ниедна држава и во ниедна применета методологија при статистичката операција попис не се попишува или самопопишува дијаспора.
Што ќе се случи доколку големите партии, пред се од опозицијата, не го признаат пописот? Очекувате ли можеби негово оспорување пред институциите? Веќе слушаме обвинувања за ново национално предавство….
Самата функција на статситичката операција попис е сосема поинаква. Имено тоа е операција која треба да обезбеди квалитетен сет на податоци за да се олесни основната функција на државата, а тоа е планирањето. Притоа податоците треба да се искористат за планирање на патна и железничка инфраструктура, образовна инфраструктура, здравствена инфраструктура, рамномерен економски развој итн. За жал, некој од статистичка операција направи политички циркуз и тоа на штета пред се на граѓаните кои решиле да продолжат да живеат на територијата на Република Македонија.
Колку бројките ќе бидат „погодни“ за политичките партии во нивните идни пропаганди со сеење страв од едната и потребата од поголеми права и поголеми привилегии од другата страна? Следат ли можеби нови етнички тензии по овие резултати?
Секако дека во немање на идеи, тука пред се мислам на политичките партии од парламентарното мнозинство, ќе се обидат со ефтин „национализам“ да профитираат и да ја замајуваат јавноста. За жал и во 21 век секојдневие ни се турбо фолк политичари полни со ефтин „национализам“. Но во суштина, во Република Македонија и Македонците, Албанците, Србите, Власите, Ромите и сите останати етнички заедници лошо живеат. Ваквото милитантно однесување на партиите од властда доведе до ситуација да мнозинството од граѓаните сакаат да се иселат и да си заминат од државата.
Се очекува ова да биде последен попис со комбинаран метод, односно со теренски попишувачи. Следниот попис треба да се прави врз основа на регистри. За таа цел институциите работат на навремено ажурирање на сите непоходни податоци, меѓу кои е и стартната позиција за секој попис – адресниот регистер. Очекувате ли попрецизни бројки на следниот попис?
Следејќи ја инертноста на нашите институции, квалитетот на администрацијата, т.е. партиските вработувања и оценките кои ги добиваат од Европската комисија искрено не знам што да очекувам.
Б.М.