Малдивите на работ на банкрот, најмногу ѝ должат на Кина

од Vladimir Zorba
121 прегледи

Малдивите се соочуваат со големи финансиски предизвици. Агенцијата за кредитен рејтинг Фич оваа недела предупреди дека островската држава е изложена на ризик од неисполнување на надворешниот долг.
Како резултат на тоа, долгорочниот кредитен рејтинг на Малдивите веќе е намален за еден степен на CCC, туркајќи го уште подлабоко на високоризична инвестициска територија.

Фич оваа недела објасни дека ризиците со кои се соочуваат Малдивите произлегуваат од намалувањето на нивните девизни резерви. Тие во мај паднаа на само 492 милиони американски долари, додека само за годинава се очекуваат 409 милиони долари за сервисирање на долгот.

Ова ќе ја стави земјата со околу 2.000 мали атоли во Индискиот Океан, позната по своите престижни одморалишта и познатите патници, под сериозен притисок, објави оваа недела француската новинска агенција АФП.

На чело на Малдивите од минатата година е Мохамед Муицу, кој ја префрли земјата од традиционалниот сојузник на Индија во Кина. Во април, неговата партија извојува убедлива победа на парламентарните избори, откако вети дека ќе изгради илјадници домови, ќе добие повеќе земјиште за урбан развој и ќе ги надгради аеродромите, сето тоа со помош на кинески средства.

„Фич“ предвидува дека Малдивите ќе продолжат да се потпираат на овој вид финансиска поддршка.

Официјалните податоци покажуваат дека надворешниот долг на Младив лани изнесувал 4,04 милијарди долари, што претставува 118 отсто од нивниот бруто домашен производ. За една година порасна за 250 милиони долари.

Заклучно со јуни минатата година, 25,2 отсто од надворешниот долг на Малдивите е во рацете на Експорт-импорт банка на Кина. Оваа банка е најголемиот индивидуален доверител на островската држава.

Слични содржини