Поранешниот шеф на македонската дипломатија и универзитетски професор, Денко Малески смета дека послушноста кон големите сили ги дефинира нашите билатерални односи со Бугарија. Тој во интервју за софиски „Труд“, меѓу другото вели дека „ќе се движиме во таа насока се додека не покажеме дека можеме сами да ги пробиеме бариерите во нашите умови создадени од стравот, омразата, нетрпеливоста и желбата за супериорност“.
Дотогаш ќе ни треба странска интервенција. Четврт век не можевме да го решиме проблемот со Грција и немаше да го решиме долго време, ако интересот на Америка против руската опасност и нашиот интерес за безбедноста на малата земја преку НАТО членството не се поклопуваше и се испреплетуваше. Има можност да ја повториме истата децениска сага со Бугарија. Како и во грчкиот случај, Бугарија ни наметна вето со услови за почеток на преговорите, што нашето општество не беше подготвено да го прифати. Поточно, да се компромитира самото постоење на македонската нација и држава преку сопствено дискредитирање. И тука, уште еднаш, интересот на големите западни сили да ја зајакнат внатрешната безбедност на ЕУ преку проширувањето кон Украина, Молдавија и Западен Балкан доведе до „францускиот предлог“, кој „купи време“ за двете земји. Бугарија беше под притисок да го укине ветото, а Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во Уставот, посочува Малески.
Според него, во моментов историјата е ставена на втор план, а историските теми се оставени да се разјаснат во текот на преговорите до полноправно членство во ЕУ. Порачува дека не може да предвиди како ќе се одвива дебатата меѓу историчарите и експертите, но вели дека одлуката е политичка.
Како и во случајот со Грција, таа ќе биде непопуларна меѓу граѓаните на двете земји, а како што добро знаеме, политичарите во демократија добиваат гласови токму со популарност. Партијата на македонските националисти се подготвува тоа да го материјализира со гласови на изборите следната година. Се прашувам дали има таква влада во Бугарија, која со својот став за македонското прашање би можела да ја поднесе истата непопуларност меѓу бугарските граѓани? Затоа што да не заборавиме, како и во случајот со Грција, лидерството е патот до политичко решение. И денес огромното мнозинство Грци и Македонци не го одобруваат Договорот од Преспа, кој ни го отвори патот за влез во НАТО. И грчката и владата во Скопје тргнаа против јавното мислење, а тоа се случи со директна посветеност на Америка, или ако сакате, под директен притисок на големите сили. Инаку, ова со „виткањето на кичмата“ е омилениот израз на македонските националисти, кои ги прогласија сите меѓународни и домашни победи постигнати со дипломатија и компромиси во овие триесет години независност, вклучително и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, како порази и недостоинствено „извртување на кичмата“ на македонската нација, вели Малески во интервјуто за бугарскиот весник.