Малески: Како што за танго требаат двајца, така и државните институции и политичарите се потребни за да се реализираат барањата на младите

од Nikola Popovski
560 прегледи

Декларацијата, изработена од 70 млади од Западен Балкан, се концентрира на три клучни концепти важни за иднината на младите, меѓу кои зацврстување на демократиите во Западниот Балкан, односно доброто управување со институциите, зголемување на младинското учество како и подобрувањето на квалитетот на образованието за демократските вредности се постулати кои мораат да бидат дел од иднината на управувањето на институциите, вели во интервју за „Локално“ Блажен Малески, младински претставник во Управниот Одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) за Западен Балкан кој ги застапува младите од Република Северна Македонија.

За најголемите проблеми на младите во државата, Малески вели дека генералната недоверба кон институциите и недовербата дека можеме како млади нешто да промениме, влијае врз генералната перцепција.

-Ако гледаме кон претходните години, оваа стапка од 29.6% младинска невработеност е историски на најниско ниво од независноста на нашата држава. Нормално дека од една страна мерките и политиките влијаат врз намалувањето на стапката на невработеност. Сепак, има и една друга страна на оваа стапка, која политичарите често ја забораваат. А тоа е што се намалува бројот на младите луѓе во државата, а следствено на тоа се намалува и стапката на невработеност, посочува младинскиот претставник.

Неодамна ја презентиравте младинската декларација на Берлинскиот самит, на која присуствувал и канцеларот Шолц. Во кратки црти, за што се говори во декларацијата?

-Декларацијата, изработена од 70 млади од Западен Балкан, се концентрира на три клучни концепти важни за иднината на младите. Прво, зацврстување на демократиите во Западниот Балкан, односно доброто управување со институциите, зголемување на младинското учество како и подобрувањето на квалитетот на образованието за демократските вредности се постулати кои мораат да бидат дел од иднината на управувањето на институциите. Второ, младите заслужуваат да живеат во мир и безбедност. Оттаму, декларацијата бара од политичарите во регионот да вложат напори кон мирот во регионот, да вложуваат во младите и нивните размени, како и да овозможат поголема младинска соработка во регионот. Ова е особено важно имајќи ја на ум агресивната војна предизвикана од Русија кон Украина. Трето, бараме од политичарите поактивно вклучување на младите во донесувањето на одлуки, особено кога станува збор за одржливиот развој и енергетската трансформација која е нужна за спасување на планетата земја. Таквите политики мора да го вклучат социо-економскиот фактор и ефектите врз младите, како и нивната иднина со нужните промени. Сето ова бара поголемо вложување во младите, како и младинските форми на организирање, отвореност за соработка помеѓу државите, но и посветеност на политичарите за сегашноста и иднината на младите во регионот.

Познат сте по вашите активности во областа на правата на младите. Има многу да се зборува за тоа како стигнавме до ова „дереџе“, но кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат денеска младите во државава?

-Мислам дека два фактори се клучни – прво немањето перспектива во нашата држава, а тоа вклучува квалитет на образование, можности за развој, квалитетни работни места (кога ги има) како и чувството на неправедност во држава и општеството. Второ мислам дека генералната недоверба кон институциите, недовербата дека можеме како млади нешто да промениме, влијае врз генералната перцепција дека не можеме да успееме да ја промениме својата сегашност, но и иднина.

Постојано зборуваме за права и за тоа нешто дека ни „следува“, но колку младите се вклучени (и имаат желба) во менувањето на ситуацијата?

-Многу често ја правиме грешката да размислуваме согласно рациото – кој бара добива. Сепак, сите граѓани на нашата држава, а особено младите имаат право да им се овозможи да го достигнат својот потенцијал, да си ги остварат своите потреби и да се реализираат себе си. И тоа не е прашање на следување, туку прашање на околности дали институциите тоа го овозможуваат, и ако да, до која мера. Оттаму, сметам дека имаме мноштво на примери каде организирани и неорганизирани млади активно се борат за подобрување на ситуацијата на младите, но и на сите граѓани. Но, како што и за танго требаат двајца, така и овде се потребни и државните институции и политичарите за да ги реализираат тие барања на младите.

Последните достапни податоци за Македонија од Eurostat се од 2020 година кога младинската невработеност изнесувала 29,6 отсто. Каде треба да се насочат најмногу сили за да се намали оваа бројка?

-Ако гледаме кон претходните години, оваа стапка од 29.6% младинска невработеност е историски на најниско ниво од независноста на нашата држава. Нормално дека од една страна мерките и политиките влијаат врз намалувањето на стапката на невработеност. Сепак, има и една друга страна на оваа стапка, која политичарите често ја забораваат. А тоа е што се зголемува бројот на младите луѓе во државата, а следствено на тоа се намалува и стапката на невработеност. Најдобар показател за тоа се податоците од Државниот завод за статистика во однос на демографската поставеност на луѓето на пазарот на трудот, но и податоците добиени од пописот во 2021 година. На крај би напоменал дека доколку намалувањето на стапката на младинска невработеност е само резултат на политиките и мерките, ќе растеше стапката на вработеност кај младите, што за жал не е случај и само минимално расте во споредба со претходните години. Во однос на насочувањето, сметам дека има неколку фактори. Прво, услугите на институциите мора да бидат поквалитетни и директни. Ако имаме на ум дека младите не им веруваат на институциите, тогаш и самите политики нема да вродат со плод, пред се бидејќи младите нема да се обратат до нив. Второ, квалитетот на образованието е од исклучителна важност, но и насочувањето на младите кон потребите на пазарот на труд. Тоа не значи условување на младите во одредена насока, туку давање јасна перспектива за што можат младите да очекуваат по завршувањето на своето средно или високо образование.

Постојано се говори за создавање на Стратегија за млади, како и стратегија која ќе превенира „одлив на мозоци“. Зошто се доцни, по ваше мислење, со нивно носење?

-Ќе се обидам да бидам краток и јасен: бидејќи институциите не знаат, немаат капацитет и немаат доволно финансиски средства да се посветат на проблемите на младите, кои се исклучително специфични, но и хетерогени во својата суштина. Кога ги немате првичните три работи (знаење, капацитет и пари) исклучително е тешко да се направат стратешки документи кои навистина би биле спроведени од страна на државните институции. Односно, во претходното искуство со двете Стратегии за млади, можеби и ќе ги направите, но реализацијата во такви услови е исклучително мала.

Н.П.

Слични содржини