Малески за „Локално“: Протерувањето на 5 руски дипломати е целосно во функција на заштита на македонските национални интереси

од Берта Китинска
601 прегледи

Сведоци сме дека голем дел од македонската јавност нема јасна претстава што се случува во Украина. Се чини дека големиот број цивилни жртви на украинскиот народ и огромните материјални разорувања не се доволни да се сфати сета жестокост на руската агресија. За мене е несфатливо да тие што го оправдуваат „правото на посилниот“, остро се спротивставуваат на примената на тој принцип кога во прашање е нашата земја,вели во разговор за „Локално“, поранешениот амбасадор и претседател на Дипломатскиот клуб, Огнен Малески.

Според него, протерувањето на руските дипломати од земјава може да фрли дополнителна сенка на билатералните односи, објаснувајќи дека потегот е неизбежен во вакви ситуации бидејќи е применуван од страна на многу земји.

Скопје уште еднаш ја потврди подготвеноста непромислено да го жртвува суверенитетот и да носи одлуки кои се во спротивност со расположението во јавноста и им противречат на коренитите национални интереси, изјави синоќа портпаролот на МНР на Русија, Захарова по протерувањето на 5 руски дипломати. Оди ли, според вас, „власта контра своето население“?

Причините за ваквиот чекор на македонската страна е јасно наведена во (вообичаено за вакви случаи) кусото соопштение на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија: согласно информациите добиени од надлежните органи, посочените пет руски дипломати извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена. Таквиот потег никогаш не е посакуван и секако може да фрли дополнителна сенка на билатералните односи, но е неизбежен во вакви ситуации и применуван од страна на многу земји, вклучувајќи ја и Руската Федерација. Притоа треба да се има предвид и актуелната меѓународна ситуација предизвикана од агресијата на Руската Федерација на Украина, која без сомнение ја прави целата работа многу почуствителна. Оттаму, спротивно на тврдењето на г-ѓа Захариева, сметам дека потегот е целосно во функцијата на заштита на македонските национални интереси. Од друга страна, убеден сум дека протерувањето на петте дипломати нема во многу да го попречи функционирањето на руската Амбасада, со оглед на тоа што во неа и натаму ќе работат дузина дипломати и двајца воени аташеа.

Возможни ли се воопшто поправање на односите меѓу двете земји по овие протерувања, санкции, како и по ставањето на С.Македонија во кругот „непријателски земји“? Што треба ние да направиме, освен да ја следиме линијата на Западот?

Огромниот број на земји кои гласаа во Генералното собрание на Обединетите нации за осуда на агресиијата на Руската Федерација врз Украина, јасно укажува дека не станува збор само за „Западот“ тука за далеку поширока меѓународна осуда на воената агресија и флагрантното крешење на нормите на меѓународното право. Република Северна Македонија не е ниту велесила со различни интереси (како на пример Кина, Индија и сл.) ниту земја која следи наврзана/неутрална политика. Ние сме членка на НАТО и аспирант за членство во Европската Унија, така што е нормално и легитимно да ги усогласуваме своите политики со нашите партнери и сојузници. Зад евроатлантската ориентација на нашата земја стои континуираната поддршка на релеватните политички партии и на мнозинството од населението.

Нашите односи кон Руската федерација очигледно се диктираат од Западот, но колку ние имаме всушност простор за маневар по влезот во НАТО? Дали имаме „комодитет“ да се однесуваме како Унгарија или Турција пример?

Од време на време слушам и/или читам критички ставови и мислења на одделни политичари и експерти во однос на одредени конкретни потези на македонската дипломатија која „слепо го следи дикатот на Западот“. За жал, станува збор за целосно омаловажување на македонската државна политика која се базира на јасно дефинираните национални интереси (почнувајќи од Уставот, соодветните законски акти, резолуциите на Собранието, па до практичното делување во меѓународните организации). Навистина би сакал да прочитам сериозна анализа која (освен паушалните оценки) со сериозни аргументи би понудила алтернатива на сегашнава надворешна политика на земјата која би ги покажала бенефитите од коренит пресврт и јакнење на односите и соработката со „Истокот“ за сметка на оние со „Западот“, односно водење неутрална/неврзана политика.

Јасно е видлива наклонетоста на македонскиот народ кон рускиот и своевидното „навивање“ Украинците да се предадат на „посилниот“, во случајов Русија. Историски, Русија никогаш не била „наклонета“ кон Македонија и македонскиот народ, па што ја диктира нашата „љубов“ дури и кога очигледно врши инвазија врз друга суверена земја?

За жал, сведоци сме дека голем дел од македонската јавност нема јасна претстава што се случува во Украина. Се чини дека големиот број цивилни жртви на украинскиот народ и огромните материјални разорувања не се доволни да се сфати сета жестокост на руската агресија. За мене е несфатливо да тие што го оправдуваат „правото на посилниот“, остро се спротивставуваат на примената на тој принцип кога во прашање е нашата земја. Но, доколку се бара некаква вина, тогаш треба да признаеме дека најповиканите – државните институции, политичките лидери, медиумите, НВО, експертите и сл. – потфрливме во борбата со лажните вести и необјективното известување, особено на социјалните мрежи.

Како, според ваше мислење, ќе изгледа Европа откако оружјата ќе се спуштат и ќе профункционира дипломатијата? Следи ли нова „Железна завеса“ за Русија?

Во одговор на ова прашање ќе потсетам на многу пати користената изрека на Винстон Черчил: „Не постојат наши стални пријатели и стални непријатели, постојат само наши стални интереси“. Неминовно е во одреден момент до дојде до окончување на воените дејствија и изнаоѓање заемно прифатливо решение (привремено или трајно). Впрочем и во екот на најжестоките судири на украинска територија дипломатијата, со посредство на трети земји, се труди да реши одредени конкретни ситуации. Ако ја следиме логиката на мудриот Черчил, за очекување е по окончувањето на војната и потпишувањето на соодветен документ, постепено да се одмрзнуваат односите и соработката во одделни сфери со Руската Федерација. Во таа смисла, иако постои како реална опција, не очекувам враќање на „железната завеса“, онаква каква што ја познаваме од ерата на студената војна. Но тектонските промени што ги предизвика руската агресија дифинитивно придонесоа за зајакната кохезија во рамките на НАТО, сериозни преиспитувања на политиките на ЕУ, сериозни преиспитувања на функционирањето на најважните меѓународни организации (ООН, ОБСЕ, Советот на Европа и сл.) и сл. Во таа смисла можеме да констатираме дека по оваа војна (и лекциите научени од неа) светот нема да биде истиот што го познававме пред неа.

Б.М.

Слични содржини